Ректорската управа на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола на предлог на ректорот, проф. д-р Игор Неделковски, на 17.10.2022 со тајно гласање донесе Одлука за избор на четири нови проректори:
проф. д-р Цветко Андреески, проректор за настава
проф. д-р Јасмина Буневска Талевска, проректор за студентски работи
проф. д-р Јове Димитрија Талевски, проректор за финансии и развој
проф. д-р Горан Илиќ, проректор за наука.
Со ова комплетиран е тимот на новото универзитетско раководство со мандат од три години.
Проректорот, проф. д-р Цветко Андреески има богата професионална кариера како редовен професор, продекан за настава и декан на Факултетот за туризам и угостителство – Охрид. Посебно место заслужува неговиот ангажман за осовременување и збогатување на високообразовната понуда, како и бројните активности на планот на интернационализација на наставата.
Проректорката, проф. д-р Јасмина Буневска Талевска е редовен професор на Техничкиот факултет во Битола. Таа има импресивни наставни, но и воннаставни активности на факултетско и универзитетско ниво. Носител е на бројни општински и европски награди и признанија. По нејзиниот избор за проректор, заради неспоивост на функцијата, таа даде оставка како член во Советот на Општина Битола.
Проректорот, проф. д-р Јове Димитрија Талевски во повеќе наврати се докажа како продекан и декан на Педагошкиот факултет – Битола. Тој членуваше во Сенатот и Комисијата за материјално-финансиски работи и инвестиции на УКЛО. Како истакнато име во академската заедница за прашања од финансиски карактер и планирање, има огромен придонес и во остварување на наставно-образовната дејност.
Проректорот, проф. д-р Горан Илиќ остварува плодна професионална кариера, како член во Сенатот на УКЛО, продекан и декан на Правниот факултет – Кичево. Активно уредува меѓународни списанија и едиции, истовремено е ангажиран како меѓународен експерт на Институтот за глобална аналитика во Софија, поседува богато искуство со работа на меѓународни проекти од кои дел се поддржани од ЕУ.
На истата седницата донесена е Одлука за именување на доц. д-р Рената Петревска Нечкоска за Еразмус координатор на УКЛО.
Еразмус координаторот, доц. д-р Рената Петревска Нечкоска од Економскиот факултет – Прилеп е амбициозен професор и истражувач, со богато меѓународно искуство, алумни амбасадор на Универзитетот Гент за Западен Балкан, раководител и проектен менаџер во глобални мрежи и асоцијации за соработка меѓу УКЛО со Европа и Светот.
Новото раководство на УКЛО предводено од ректорот Неделковски најавува посветеност за реализација на неговата Програма за работа и развој на Универзитетот заснована врз три столбови: транспарентност, проактивност и инклузивност во сите домени на универзитетското работење.
фото: УКЛО