Оној кој се гневи на пријателите, сам себе се предава на ѓаволот
Н
екој монах Исак раскажувал за следниот случај од својот живот. „Во една прилика, – вели тој, – се скарав со братот и почнав да се гневам на него. Во меѓувреме, седејќи во ќелијата и бавејќи се со ракоделие, во еден момент, се сетив на оваа кавга, се покајав и вознемирен од стравот поради одговорноста пред Бога, почнав да размислувам за тоа што да правам. Токму во тој момент во мојата ќелија влезе некое момче и не осенувајќи се со крстниот знак како што треба, рече: ‘Згреши и затоа се вознемируваш; предај ми се мене и ќе бидеш спокоен’. Сфаќајќи дека тоа е ѓаволот, му одговорив: ‘Оди си, бидејќи ти не си од Бога пратен!’. А тој ми рече: ‘Жал ми е за тебе, бидејќи го упропастуваш делото свое, а сепак си мој’. ‘Не! – му реков, – не сум твој, туку Божји!’ А ѓаволот возврати: ‘Оние, кои се исполнети со гнев и кои се сеќаваат на злото, Бог ни ги предава нам. Ти три недели се гневиш на својот брат’. Одговорив: ‘Лажеш’. А тој на тоа рече: ‘Зло го исполнува твоето срце кога ќе помислиш на него, злопамтиве, меѓутоа, те очекува адскиот оган. Јас сум одреден да стојам токму крај таквите луѓе и ти си мој’. Откако го слушнав тоа, веднаш се упатив кон мојот брат, поклонувајќи му се, се помирив со него. И што се случи? Враќајќи се во ќелијата, видов како ѓаволот, не трпејќи го моето помирување со братот, од злоба ги спали сите мои ракоделија и сламата, која обично ја распостилав по подот додека се молев“.
Од овој расказ, браќа и сестри, гледаме дека оној кој чува злоба во срцето кон ближниот, на него непријателот на нашето спасение, ѓаволот, може лесно да му пристапи. Над оние кои не се каат поради својата злоба, ѓаволот дури се здобива и со власт. Оние кои чуваат злоба во срцето свое во идниот живот ги очекува мака; и најпосле, со покајание за својот гнев и помирување со ближните, ние го посрамуваме ѓаволот и го изгонуваме од себеси.
Знаејќи го ова, што треба да правиме, браќа и сестри? Треба уште во самиот почеток да ги гасиме искрите на гневот во срцето свое, за да не избувнат искрите во оган, а потоа и во неизгасливиот пламен адски. Треба да ги простуваме навредите и да ги сакаме и непријателите свои. А за да се навикнеме на тоа, ќе мораме како прво што почесто да се присетуваме на нашата вина пред Бога, како и на милосрдието Божјо кон нас, грешниците. И покрај сета наша расеаност, гревовите често многу нè погодуваат, и ние самите чувствуваме дека сме ја заслужиле секоја можна казна. Но како постапува со нас нашиот Отец Небесен? Дали Он нè казнува за гревовите наши? Не, Он ги користи сите средства, за да нè вразуми и исправи. Он Го испрати во светот Својот Единороден Син, за да нè спаси од гревот и смртта. Он, како грижлив Отец, нам ни пружа сè што ни е потребно за живот: храна, облека и дом; Он се грижи за секое влакно на нашата глава; Он нè повикува сите нас грешните кон Него, говорејќи: Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам (Мт. 11, 28). А ако Отецот Небесен е толку милосрден кон нас, така, се разбира, мораме и ние да постапуваме кон оние кои нè навредиле или ни нанеле зло. Во спротивен случај, оние кои не покажале милост, ги очекува суд без милост. Често треба да Го замислуваме пред себе Господа, Кој страда и Кој од Крстот им опростува на непријателите Свои. Него, Невиниот, беззакониците Го тепале, Го плукале в лице, Го распнале меѓу беззаконици, Му се смееле за време на Неговите ужасни страдања, додека Он говорел: Отче, прости им. Ако Спасителот така постапувал со непријателите Свои, се разбира, на истиот начин мораме да постапуваме и ние, дотолку што Он никому не направил зло, а бил мачен, додека ние и самите на овој или на оној начин нанесуваме зло или ги навредуваме луѓето, правејќи ги непријатели свои.
Бигорски манастир