АктуелноОхрид

Позната астрофизичарка д-р Маргарита Каровска-Нили во посета на гимназијата

Нашата Гимназија беше посетена од престижната астрофизичарка д-р Маргарита Каровска -Нили. Родена во Охрид, д-р Каровска своето средно образование го завршила токму во Гимназијата „Св Климент Охридски“ од која носи многу убави спомени. Во разговорот со учениците, таа нагласи дека токму нашето училиште претставувало поттик за нејзината идна професија. Веќе неколку децении, таа работи во Центарот за астрофизика Харвард-Смитсониан при престижниот Универзитет Харвард на голем број проекти од НАСА. Како астрофизичар, таа била дел од тимот кој работел на еден од најголемите и најзначајни проекти на НАСА, вселенската опсерваторија „Чандра“. Раскажувајќи ја својата животна приказна, д-р Каровска пред матурантите истакна дека нејзиниот пат до успехот бил комбинација на многу труд и посветеност, добро образование и верба. Таа успеала да го достигне „недостижното“, и нејзините зборови, сигурно, ќе претставуваат мотив за нашите ученици да продолжат во светот на астрофизиката и да станат идни астронаути, астрофизичари и научници. Оваа средба со познатата астрофизичарка беше уште позначајна бидејќи беше поттикната од успехот кој нашите ученици го постигнаа на меѓународниот натпревар по астрономија и астрофизика каде , да потсетиме, под менторство на професорката Никоска Виолета, Шишкоски Кристијан и Ева Китрозоска освоија златен , а Нина Стевоска и Горазд Блажески сребрен медал.

-велат од Гимназија Охрид