АктуелноОхрид

М-р Димитар Смилески – тргна да студира географија, а патот го одведе во сферата на новинарството и публицистиката

Тргна на Природно-математички факултет да студира Географија, но не стана професор. Неговиот животен пат го одведе во сферата на новинарството и публицистиката. Ова е како вовед во биографијата на м-р Димитар Смилески од Охрид, новинар, публицист, архивист и самостоен истражувач, автор на петнаесетина книги од кои поголемиот дел монографии за селски населби, автор на стотина радио репортажи скоро за сите 57 села од Охридско, автор на десетина телевизиски емисии за постојни и исчезнати населби во Охридскиот крај, а сега пензионер со постојано место на живеење – Охрид. Го сака овој град, ја проучува неговата историја, се восхитува на крајезерските убавини, но постојано во мислата му е родното село Оздолени и планинските предели на Дебрца и околината на Охрид, ја сака планината, па повремено скокнува дотаму за да добие инспирација да напише уште некоја книга во овие пензионерски денови.

Во 1967 година се запиша на Природно-математичкиот факултет во Скопје – група Географија и во 1971 година се стекна со звањето – дипломиран географ. Меѓутоа, случајот сакаше м-р Димитар Смилески да не ја продолжи својата кариера како професор, туку како новинар. Уште како апсолвент, во 1971 година се пријави на конкурсот за новинари што го распиша Радио Скопје, каде што, во силна конкуренција, беше примен на пробна работа во дневната редакција на Радиото, каде што остана 7 месеци. Неговиот работен век во новинарството продолжи во 1974 година, кога беше примен за новинар на Радио – Охрид. Во оваа куќа, Димитар Смилески, го помина најголемиот дел од својот работен век, најнапред како новинар, потоа како уредник и на крајот како директор на Центарот за печат и Радио Охрид и главен и одговорен уредник на локалниот весник „Езерски глас“. Покрај ова, беше главен и одговорен уредник на списанието „Далги“ кое го издаваше Центарот за печат и радио Охрид. Во негово време беа издадени и неколку авторски книги, а во рамките на Радиото постоеше младинска редакција и летна новинарска школа, од која произлегоа неколку охридски новинари. Во 1991 година Радио Охрид воспостави соработка со Радио Корча од Албанија, каде што, за првпат, беше воведена информативна емисија на македонски јазик на програмата на оваа радиостаница.
Во 1992 година м-р Димитар Смилески беше назначен за директор на Историскиот архив во Охрид, каде што остана до 2001 година. Во 2001 година ја одбрани магистерската тема „Состојби и можности за развој на селскиот туризам во Дебрца“, при што се здоби со звање – магистер по туристички науки. Од 2013 година живее како пензионер во Охрид.
Во својата работна кариера м-р Димитар Смилески значајно вниманите посветил на истражувачката научна работа, а плод на неговото досегашно научно творештво се 15 книги и поголем број трудови поднесени на разни научни собири. Негов првенец, како самостоен научен труд, е монографијата за селото Велмеј, издадена во 1984 година, по повод културната манифестација „Да се знае-да се има“, а потоа се редат монографиите за селата: Белчишта, Велмеј, Љубаништа, Куратица, Долно Лакочереј, Ботун, Скребатно (две изданија), Оздолени, Чифлик, Сошани, Пештани,Требеништа и Сирула. Моментално работи на монографија за селото Арбиново. Покрај овие се објавени и следните трудови: Словенска граматика на Григор Прличев, Родописот на Неловци(Оровник), Злате учителот , Угостителско училиште „Ванчо Питошески“ Охрид (две изданија) и монографија за црквата Св. Атанасиј во Белчишта.
Во изминатиот период, м-р Димитар Смилески, се појавил на разни научни собири со свои трудови од областа на историјата, географијата и етнологијата кои се објавени во посебни зборници., – Црквата Св. Атанасиј – Белчишта 2014

М-р Димитар Смилески не мирува и во пензионерските денови, туку и натаму ја продолжува својата истражувачка работа за селските населби во Охридскиот крај. Во неговата лична архива се наоѓаат доста ракописи, документи и други податоци за селските населби, кои ги средува и внесува во компјутерот, кој е негов секојдневен придружник. Особен интерес покажува за исчезнатите населби во Охридскиот регион, па ја користи секоја прилика да посети некоја локација и со својот апарат да направи некоја фотографија на лице место. Негова замисла е да подготви книга за овие населби, врз основа на сознанијата со кои располага, поткрепени со фотографии, како и една комплетна монографија за областа Дебрца.
Негово хоби е движењето во планина и собирањето на лековити билки и печурки. Покрај книгите сврзани со историјата на македонскиот народ, го интересираат и астрономијата и археологијата. Активен е и како член на Извршниот одбор на Здружението на пензионерите Охрид и Дебрца и е еден од авторите на монографијата за ова здружение издадена во 2016 година.

извор: Пензионерски „Видици“, Охрид 1