На пригодна свеченост која се одржа вчера во Центарот за култура „Григор Прличев“ беа доделени дипломите на матурантите од гимназијата „Свети Климент Охридски“ од генерацијата 2021 – 2022 година.
Среќен сум што заедно со сите вас го почувствував силниот интензитет на емоции, кои ја красеа неповторливата атмосфера.
За матурантите тоа е возбудата пред новиот почеток, за родителите тоа е радоста да ги видат своите синови и ќерки во матурска наметка, а за наставниците тоа е гордоста што успеале да ги подготват своите ученици за иднината која ги очекува.
Драги мои матуранти,
Изминатите две години не научија да ги негуваме и да им се радуваме на малите, но сепак важни аспекти во животот. Вие сте младина која се соочи и успешно се бори со еден од најголемите предизвици во историјата на човештвото. Сигурен сум дека токму ова искуство ќе ви даде самодоверба, цврсто да чекорите напред и да ја надминувате секоја препрека.
Со мојата искрена честитка за вашето матурирање, сакам да ве поттикнам неуморно да ја продолжите потрагата по знаење и да откривате нови и уникатни начини да станете најдобрата верзија од себе си. Искористете го ентузијазмот што ве опкружува и храбро осварувајте ги сите соништа. Нека вашата ѕвезда водилка биде сознанието дека сте позитивен пример и инспирација за другите. Затоа потрудете се да бидете добри луѓе, полни со човечност и вредни за почит.
Од вас очекувам успешни професионалци во многу општествени области и верувам дека вашите имиња и презимиња ќе остават значаен печат во историјата на нашиот Охрид.
Големиот писател Марк Твен рекол „Двата најважни денови во вашиот живот се денот кога сте родени и денот кога ќе сфатите зошто сте родени“. Токму затоа водете се од вашата желба и личното убедување кога ги носите сите одлуки. Нека сè во вашиот живот биде онака како што вие самите посакувате, стои во Фб објавата о градоначалникот Кирил Пецаков.