Синоќа го промовиравме дигиталниот паметен споменик кој ги вкрстува вештачката интелигенција и виртуелната реалност во уникатно футуристичко искуство за граѓаните и посетителите на Охрид, напиша на својот ФБ градоначалникот Кирил Пецаков.
Во продолжение ја пренесуваме објавата на градоначалникот во целост:
Воскреснувањето на Григор Прличев преку користење на најновите технологии овозможува да ги спознаеме културата и технологијата, минатото и иднината, во непосредна интеракција со дигиталната свест на Вториот Хомер.
Иновативниот систем е изработен од страна на компанијата Сефиданис (Anis Sefidanis, PhD), која неодамна потпиша меморандум за стратешка соработка со Општина Охрид. Решението, покрај останатото, вклучува и технологија за препознавање на говор на македонскиот јазик, како и високо реалистичен приказ на живописен аватар кој го претставува Прличев, синхронизиран со говор кој ги отелотворува стиховите и емоциите на поетот.
За виртуелниот модел на ликот беа користени оригинални фотографии, автентични скулптури со примена на напредни методи на машинска интелигенција за дигитална фотограметрија. Дигиталниот споменик ќе биде достапен за комуникација во текот на целиот ден и ноќта, лето и зима на плоштадот на уметноста Долна Порта.
Дигиталното културно наследство претставува посебна научна дисциплина која се наоѓа на пресекот помеѓу компјутерските технологии и хуманистичките науки. Охрид, како град на УНЕСКО, има потреба од новите технологии кои овозможуваат дигитализација и трајна конзервација на културното наследство, во физичкиот и во метаверзумот. Ваквите иновации ја поттикнуваат промоцијата на градот и државата, со тоа што ќе понудат туристичко искуство кое не може да се најде на друго место.
извор: ФБ Кирил Пецаков
фото: фб Кирил Пецаков