Музичката програма на 62-то „Охридско лето“ продолжува вечерва од 21 часот во црквата „Света Софија“ со концерт на квинтетот „Виенска камерна симфонија“ од Австрија.
Овој камерен состав го сочинуваат Лаура Лози – прва виолина, Естеле Вебер – втора виолина, Џорџиа Венециано – виола, Серџо Мастро – виолончело и Дамиан Посе – контрабас.
Виенската камерна симфонија е ансамбл составен од талентирани музичaри кои живеат и работат во Виена. Овој состав има широк репертоар на класични дела почнувајќи од XIX век, па сѐ до современи дела, како и дела од композитори кои неправедно се запоставени или заборавени.
Членовите на ансамблот најчесто настапуваат во формација на квинтет, следејќи ги традиционалните елементи на изведба во камерен оркестар, со симфониски концепт. Во Шпанија дебитираат со изведба на уникатен аранжман на Бетовеновата Петта симфонија , а посебно место во нивниот репертоар има изведбата на концерти за пијано, но во елегантна, камерна варијанта.
Формиран во 2006 година, Квинтетот „Виенска камерна симфонија“ голем дел од своите први концерти ги изведува во Шпанија како дел од прославата на „Годината на Моцарт“, а се примени со бројни позитивни критики од публиката и критиката која ги опишува како „најдобри изведувачи во долгата концертна сезона посветна исклучиво на Моцарт“.
НУ Охридско лето