АктуелноНаш изборНаш ИзборОхрид

Бигорски манастир ја одбележа манастирската слава, замонашени петмина браќа

Славното Бигорско светилиште денеска го прослави споменот на раѓањето на својот заштитник – Христовиот Пророк и Крстител, светиот Јован. Со големото литургиско торжество чиноначалствуваше неговото високопреосвештенство митрополитот Дебарско-кичевски, г. Тимотеј, а му сослужуваа и неговото преосвештенство, епископ Аморејски г. Никифор, игумен на Свештената Ставропигијална Патријаршиска Обител на Влатадите од Вселенската Патријаршија неговото преосвештенство епископ Антаниски, г. Партениј, игумен на Бигорскиот манастир, како и голем број архимандрити, јеромонаси, јероѓакони, свештеници и ѓакони од Северна Македонија, Грција, Албанија и Бугарија.

-Пред почетокот на Архиерејската литургија, нашиот многупочитуван митрополит г. Тимотеј, замонаши петмина наши собраќа. Новите рожби на нашиот старец и владика Партениј, отците Јоаникиј, Јоаким, Филип, Ангелариј и Григориј го примија рамноангелскиот монашки чин и сега заедно со нив Бигорското братство брои 25 монаси, односно 30 членови. Ова е првпат во нашата понова историја одеднаш да бидат замонашени петмина браќа, а радоста е дотолку поголема што на ова сеправославно торжество присуствуваа архимандрити, јеромонаси, свештенство, монаси и верен народ не само од земјава, туку и од сите соседни земји, но и од Европа и Америка. За време на Божествената Литургија, пак, нашиот брат, новозамонашениот отец Григориј беше ракоположен во свештеноѓаконски чин, изјави сестра Ефимија за МИА.

Митрополитот Дебарско-кичевски, г. Тимотеј, им се обрати на новозамонашените браќа и им посака да го „носат монашкиот образ за прослава на Триединиот Бог, за афирмација на МПЦ – Охридска архиепископија, за углед и достоинство на оваа света Обител и за спасение на нивните души“.

-Како христијани сите сме повикани да бидеме послушници на волјата Божја. Но, да не заборавиме дека на оваа должност се повикани особено монасите, кои го зеле својот крст и тргнале по Христа. Кој може да врви по Христа, ако не го зел крстот на богопослушноста? Каква полза за човекот ако не го знае Божјиот закон, а ја исполнува својата волја? Нели свети апостол Павле ни вели: Пред Бога не се праведни оние што го слушаат Законот, туку ќе се сметаат за праведни само оние што постапуваат според Законот. Овие зборови се однесуваат на нас христијаните, но најмногу на новозамонашените. Честитајќи им го ангелскиот чин, им напомнуваме да се потсетуваат на тоа дека ние сите сме повикани да ја исполнуваме Божјата, а не својата волја. Нека го носат монашкиот образ за прослава на Триединиот Бог, за афирмација на МПЦ – Охридска архиепископија, за углед и достоинство на оваа света Обител и за спасение на нивните души, посака г.г. Тимотеј.

 

religija.mk