На 28.06.2022 година околу 13 часот, на локален пат помеѓу струшките сека Боровец и Лакавица, кај месноста „Равење“, полициски службеници од одделението за прекуграничен криминал при Регионалниот центар за гранични работи-Запад, во содејство со ОВР Струга, шумската полиција и подрачната единица на Министерството за шумарство и водостопанство и полициската станица во Лабуништа, презедоа координирани мерки со цел фаќање на сторители на нелегална сеча и нелегален транспорт на огревно дрво.
Притоа, сопрено е товарно возило „Ман“ со струшки регистарски ознаки, управувано од лице на (53) години од селото Велешта, во кое, без документација се превезувале 14,2 метри просторни огревно дрво а сопатник бил лице на (45)години од Вевчани, вработен во ШПС „Јабланица“ како манипулант за издавање испратници за транспорт на дрва. Истиот, веднаш се обидел да пополни испратница и да му овозможи на превозникот документ за легален транспорт но не успеал целосно да ја пополни, бидејќи бил спречен од полициските службеници.
Од него одземени се два кочани со испратници и еден чекан за жигосување дрва. По наредба на јавен обвинител, двајцата се приведени, извршени се претреси во домот на лицето од Вевчани како и во шумското претпријатие „Јабланица“, а товарното возило и дрвната маса се предадени на шумската полиција.
По целосно документирање, против двете лица ќе биде поднесена соодветна пријава.
СВР Охрид