Во пресрет на утрешното одбележување на Денот на езерото, денес во Општина Охрид, во организација на Едриличарската федерација на Македонија и амбасадата на ЕУ, под мотото “Запознај го едрењето, заштити го езерото“, се одржа панел дискусија на која присуствуваа повеќе претставници од институциите и невладини организации.
Во своето излагање ја поздравив иницијативата на Едриличарската федерација и истакнав дека пред локалната самоуправа стојат низа предизвици во однос на заштитата на езерото.
Тука пред се мислам на Планот за управување со Охридското крајбрежје, што треба да го изработи Министерството за транспорт и врски, во кој ќе се дефинираат многу сегменти за ползување на крајбрежјето, вклучувајќи ја и изградбата на толку потребната Марина за пловните објекти. Се разбира ни треба нова, издржана, вистинска стратегија за туризам, во која ќе се дефинира правецот во кој ќе се движи Охрид во иднина. Напоменав дека постои и законска можност во иднина сите пловни објекти да бидат електрифицирани.
Во дискусијата учестувуваа и претставници на повеќе невладини институции, искажувајќи ја својата загриженост за состојбата на езерото, барајќи што поскоро квалитетни законски решенија за негова заштита, напиша во својата ФБ објава градоначалникот Кирил Пецаков.