АктуелноНаш ИзборНаш изборОхрид

Мошти од Светата Сабина Римјанка во Бигорски

Во навечерието на неделата кога Црквата Божја го слави споменот на Сите Светии одеднаш, Бигорската Обител се украси со чесни мошти на уште еден член од свештениот собор на Небесната Црква. Имено, недобројниот светителски хор, кој со еднодушие и со неискажлива радост и славословие постојано се насладува од Божествената красота на лицето Божје, денеска го почести нашето братство со благодатната посета на светата Христова Маченица Сабина Римјанка. Парче од нејзините чесни мошти му беше подарено на нашиот Манастир од страна на младиот богољубив г. Александар Младеновски од Австралиско-сиднејската епархија, родум од Битола. Оваа светиња, Алексанадар ја измолил од црква во Австралија каде што се наоѓа дел од моштите на Света Сабина, а му ја предаде на нашиот старец и игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, почитувајќи го неговото благотворно дело и познавајќи го неговото светителољубие. Заедно со моштите, Александар му подари на Бигорскиот Манастир и една прекрасна моштохранилница. Светињата беше пречекана со манастирско иподохи и со радосно биење на камбаните.

Светата Маченица Сабина била вдовица на сенаторот Валентин и ќерка на Ирод Металариј. Откако нејзината робинка, Света Серапија, којашто, впрочем, ја преобратила својата господарка во христијанската верата, била осудена и погубена, Светата Сабина наредила да ѝ ги донесат нејзините посмртни останки кај неа, по што ги положила во семејниот мавзолеј, каде што и самата имала намера да биде погребана. Наскоро и таа била обвинета за прифаќање и проповедање на Христијанството и била осудена на смрт од страна на префектот Елпидиј. Се овенчала со маченички венец во 125 година во градот Виндена (во денешна Умбрија, Италија).

Во продолжение, Маченицата Сабина била вброена во хорот на Светиите и во 430 година нејзините мошти биле пренесени на ридот Авентин во Рим, во посебно изградената базилика „Санта Сабина“, на местото на нејзината куќа, за која се смета дека била ранохристијанска црква. Храмот бил осветен во чест на Светите Сабина и Серапија.

Нивните молитви нека бидат со нас!

 

Бигорски Манастир