понеделник, ноември 25, 2024
АктуелноНаш изборНаш ИзборОхрид

(ФОТО) Охрид СОС: Непозната материја се разлева во изворите кај Свети Наум

Наши сограѓани ни споделија фотографии од еден од објектите кои се наоѓаат во изворите кај Свети Наум, од каде се разлева непозната материја во чистата вода. Веднаш побаравме да се спроведе итен инспекциски надзор од соодветните служби во Општина Охрид во објектите на островото, во изворите кај Свети Наум. Реакција упативме и до ЈУНП Галичица, со оглед дека Острово е строго заштитена зона на паркот. Имајќи предвид дека се работи за жариште на биолошка разновидност, побаравме преземање итни предострожни мерки и тоа – сите дејности да бидат веднаш запрени. Од Центарот за јавно здравје побаравме да земат примероци на водата од локацијата за испитување. Нè известија дека во текот на денешниов ден ќе го сторат тоа.
Бараме резултатите од инспекцискиот надзор да бидат споделени јавно и веднаш преку медиумите да се информира и јавноста. Вакви лоши практики се провлекуваат со години а се чини како институциите да прогледуваат низ прсти или несоодветно ги санкционираат. Трпи живиот свет, трпат оние локалитети кои се најчисти и скоро нечепнати. Националниот парк треба многу подобро да се справува со овие девијации. За вистинска заштита треба да работат и Министерството за животна средина и други институции, стои во ФБ објавата на Охрид СОС.