АктуелноВидеаВидеоОхрид

(ВИДЕО) Во „Св. Еразмо“ се применува нова метода „Артроскопска хирургија на рамен зглоб“

Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ од Охрид, започна со примена на нова метода „Артроскопска хирургија на рамен зглоб“.

Со оваа метода, за која досега граѓаните мораа да одат во Скопје, изминативе два дена веќе се третирани пет пациенти, на возраст од 17 до 73 години. Во однос на патологијата третирани се случаи после повторувачки исчашувања на рамен зглоб. Овие пет случаи беа доста комплексни, бидејќи кај дел од пациентите се работеше за застарени повреди, истакна специјалист ортопед д-р Огнен Шешоски, кој заедно со специјалист ортопед д-р Александар Стевоски, се дел од хирушкиот тим, објави ОхридПрес.

– Станува збор за еден вид на хирургија што е минимално инвазивна, досега сме работеле артроскиопја на колено, на скочен зглоб, сега за првпат и на рамен зглоб. Во однос на патологијата што ја третиравме тоа беа случаи после повторувачки исчашувања на рамен зглоб, имаше воспаление во прнцип на дел од мускулатурата на рамениот зглоб, каде што се врши припојување на дел од мускулите или состојби после повреди на мускулите каде се врши сутура и репарација на таа мускулатура околу зглобот. За пациентите имавме посебни потреби во однос на анестезиолошка подготовка за што се заблагодарувам до анастезиолозите д-р Александар Веслиески и д-р Хари Шокароски, бидејќи оваа процедура бара и специфична анестезија, пациентот мора да биде во хипотензија, односно со намалена тензија за да моќее ние технички да го завршиме третманот како што треба, потенцира д-р Шешоски.

 

Нема достапен опис

Нема достапен опис

Тој препорача по повреда на рамениот зглоб, пациентите веднаш да се прегледаат, да се постави дијагнозата, за да се пристапи кон третман, бидејќи потоа се зголемува комплексноста на интервенцијата и периодот на рехабилитација.

Друг новитет во однос на оваа процедура е што за првпат во јавните здравствени установи биле користени вид на импланти со значително помал дијаметар во однос на стандардно користените.

– Користевме за првпат вид на импланти направени од сутури, од конец со помал дијаметар во однос на оние што се стандардно користени и со тоа автоматски имаме помала инвазивност и во однос на коскеното ткиво. Претходните се со дијаметар 4-5 милиметри, сега користевме импланти со дијаметар 1-3 милиметри. Ова не значи дека се губи цврстината на имплантот, а е дополнителна предност и за самиот пациент за рехабилитацијата, за можноста за патување бидејќи нема метален имплант во зглобот. Постоперативно сите пациенти се во одлична состојба, болката е окупирана, ден после операција ги испишуваме и продолжуваме со интензивна физикална терапија, истакна д-р Шешоски.

Поради комплексноста на случаите тимот охридски специјалисти имал значителна помош и супервизија на докторите од Специјалната болница „Валдотра“ во Анкаран, Словенија. Со ова се отвора простор за возобновување на соработката што пред 20-на години постоела со оваа болница.

Инаку, охридската Специјализирана болница „Св.Еразмо“ за еден месец ќе одбележи 73 години постоење, институција која низ годините се грижи за здравјето на локомоторниот апарат на пациенти од регионот и пошироко. Започнавме како болница за хелиотретман, а израснавме во сериозна институција од областа на ортопедија и трауматологија на овие прстори и пошироко, потенцира специјалист ортопед д-р Љубомир Богојевски, кој зад себе има 42 годишен стаж во болницата.

Нема достапен опис

– За разлика од многуте хирургии што се занимаваат со отстранување на проблемот од телото, ние не само што го отстрануваме треба и да дадеме замена во функционална и поинаква смисла. Изминатите два дена бевме сведоци на еден извонредно важен напор за понатамошно навлегување во сериозноста на ортопедсакта институција. Благодарение на колегите посериозно навлеговме во патологијата на рамениот зглоб, патлогија што за жал често ја нарекуваме непокриена. Навлеговме во суштината на проблемот на рамениот зглоб и го решаваме на соодветен начин, потенцира д-р Богојевски.

 

Болницата постојано го проширува спектарот на интервенции. Па, така освен најновата метода на артроскопска хирургија на рамен зглоб, во болницата со помош на специјален неврохируршки микроскоп, беше извршена сложена операција на тумор на мозок, а за првпат беше извршена една од најважните и најтешките ортопедски хируршки интервенции, имплантација на протеза на рамо.

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес