Да не се заборават делата на Охридскиот архитект и конзерватор Тодор Паскали. Македонска АРХитектура Денешната објава ја посвети на еден од доајените на конзервацијата и реставрацијата на македонското културно наследство – архитект Тодор Паскали. Истражувач, проектант, публицист и добитник на републичката награда „11 Октомври“ за својата долгогодишна активност во полето на заштита на спомениците на културата.
„Архитектонскиот опус на Тодор Паскали е пред сѐ одраз на неговиот карактер: едноставност, скромност, искреност, хуманизам и пиетет кон традицијата. Неговиот архитектонски говор е народен и во него ја откриваме онаа архитектонска мудрост што ја има во записите на Марко Цепенков. Ако за вистинската уметност не се потребни зборови за да се искажат вредностите и квалитетите, тогаш за дејноста на Паскали не треба да се пишува. Таа се гледа, се чувствува и се доживува како музичка композиција во која се вградени акордите, пасажите и темите чии корени се положени во народниот мелос, објави marh.mk.
Кариерата на архитектот Паскали се карактеризира со паралелно работење на проекти од конзервацијата на градителското наследство и работа на архитектонски проекти. Тој специфичен спој на работни задачи влијае врз изразот во проектирањето, односно духот на традицијата се насетува и во неговата архитектура. Позначајни реализации се:
-Хотелот „Бисер“ во Калишта, Струга (1970)
-Хотел „Белград“ во Струга (1988)
-Ресторан во манастирот „Св. Наум“ (1982)
-Црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Кавадарци (2000)
-Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Македонска Каменица (1998)
Тодор Паскали е еден од главните иницијатори за основање на работилницата, односно на ателјето за уметничка резба при Заводот за заштита на спомениците на културата во Охрид во 1975 година.
Основното и средното образование Паскали го завршил во неговиот роден град Охрид. Дипломира на Техничкиот факултет во Скопје – отсек архитектура во 1961 година. Од 1965 година па се до своето пензионирање во 1996 година тој е во служба на спомениците на културата. За него археологот Паско Кузман вика дека со својата деноноќна посветеност, Тодор Паскали е буквално вграден во неговите дела.
Паскали работи како архитект – конзерватор во Заводот за заштита на спомениците на културата, каде подоцна е назначен како директор на оваа институција. Во областа на заштитата на културното наследство изработил и реализирал повеќе проекти. Најзначајни се:
-Реставрацијата на Куќата на Робевци во Охрид (1979)
-Конзервација на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане, Кумановско (1965)
-Конзервација на црквата „Св. Богородица“ во Матејче, Кумановски (1965)
-Конзервација на црквата „Св. Пантелејмон“ на Плаошник, Охрид
-Конзервација на црквата „Св. Никола Болнички“ во Охрид
-Конзервација на Самоиловата тврдина во Охрид
Автор на статија: Љубен Трајаноски
извор: marh.mk.
Конзервација и реставрација / Охрид / Плаошник / Тодор Паскали