Во рамки на своите програми за промоција и негување на хуманите вредности, поттикнување и развивање на креативноста кај младите, Црвен крст Охрид, со особена чест, задоволство и возбуда Ви го најавува овогодинешното јубилејно десетто издание на „Вдиши Театар“-Меѓународниот Аматерски Младински Театарски Фестивал.
„ВДИШИ ТЕАТАР“ како најава за кутурното лето во Охрид, е проект што ги поврза младите, театарот и критичкото размислување од поширокиот регион.
Во текот на изминатата деценија, преку нашата сцена продефилираа повеќе од 80 охридски младинци, а заедно со нив и тројно повеќе учесници од нашите пријателски организации на Црвен крст од Суботица, Крагуевац, Бар, Требиње и Ужице. Заеднички, создававме простори за дијалог, толеранција, прашања и надеж.
Јубилејното издание на ВДИШИ ТЕАТАР на 14 јуни 2025 г., ќе биде посебно и заради изведбата на интернационална театарска претстава „Балканград“, копродукција на организации на Црвен крст од споменатите градови – дело што на повеќе јазици, зборува гласно, храбро и лично.
Ве покануваме на прес-конференцијата во просториите на Црвен крст Охрид на 11.06.2025 г. (среда) во 13 ч., за да ве запознаеме со повеќе детали за овогодинешното издание на ВДИШИ ТЕАТАР, но и за настанот за одбележување на големиот јубилеј 80 години Црвен крст Охрид.