АктуелноОхрид

Промовиран трудот „Книга за светите браќа Кирил и Методиј“

Во рамки на чествувањата по повод 24 Мај – Денот на Сесловенските просветители Кирил и Методиј, денес во зградата на локалната самоуправа се одржа промоција на книгата „Книга за Светите браќа Кирил и Методиј“ од авторите  проф. д-р Димитар Пандев  и проф. Славе  Ѓорѓо Димоски.

Издавач на книгата е Општина Охрид, а пред присутните во име на градоначалникот Кирил Пецаков се обрати советникот Перчо Божиноски.

-Огромна е честа и задоволството, денес да се биде меѓу вас и пред уважените автори, проф. д-р Димитар Пандев и проф. Славе Ѓорѓо Димоски, во промовирањето на нивното најново дело “Книга за светити браќа Кирил и Методиј“. Овие двајца врвни истражувачи, во последно време некако нe навикнаа на нови литературни и научни дела, со кои неизмерно се збогатува македонската литературна научна мисла. Токму во пресрет на утрешниот голем сесловенски празник, посветен на светите Кирил и Методиј, пред нас е едно грандиозно дело, со кое се продолжува непрекинатата потрага по нови сознанија за делото и животот за најзначајните светители во словенскиот свет, солунските браќа Кирил и Методиј.

Авторите со длабок историски пресек и виртуозен литературен израз, не водат низ времето, од светите Кирил и Методиј, преку Свети Климент и Свети Наум, Јоаким Крчовски и Григор Прличев, па се до Кочо Рацин и Блаже Конески. Покажуваат и докажуваат дека кирилометодиевистиката живее во македонистиката и современиот македонски јазик до денешни дни.

На словенскиот народ   којшто беше во незнаење  и греовен мрак  му стана пастир и учител, пророчки укажувајќи и упатувајќи ги сите  со писмо кон спасние.

Почитувани присутни, дозволете ми во мое лично име и во името на Општина Охрид, да ја изразам мојата голема благодарност до авторите за ова вонредно дело, да им упатам искрени честитки за нивниот вложен труд, да им посакам крепко здравје и нови научни и литературни творби, а Општина Охрид секогаш ќе биде подготвена да поддржи вакви дела. На сите присутни ви го честитам утрешниот голем сесловенски и христијански празник, Свети Кирил и Методиј- рече Божиноски.

„Книга за Светите  браќа Кирил и Методиј“ е труд објавен на 300 страни. Негов промотор беше д-р  Бобан Карапејовски кој упати и јавна благодарност што локалната власт подржува проекти од таков тип.

Општина Охрид започна една убава традиција, која денеска се материјализира во промоција на петтата книга од серијалот што го подготвија Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски. Овој серијал е на охридски, а тоа значи, на македонски и на македонистички теми, зашто нужно врзано за Охрид и со него е македонствувањето – преку духовното наследство, преку културата, а – особено! – преку писменоста. И, без претензии да го нагласувам значењето на Охрид повеќе отколку што е навистина, и без патетиката на вообичаените промотивни рефрени за „македонскиот Ерусалим“ или, пак, за лулката/колепката на словенската писменост, пред нас имаме дело што, во најмала рака, уште еднаш ги потврдува сите определби што досега се кажани за овој простор. А, тој простор, во својата основа, ги содржи напорите, ги реактуализира, за жал, и по милениум, заложбите на Светите Кирил и Методиј, врамени во зборовите на апологијата на создателот на првата словенска азбука, во која и нашето право да зборуваме на својот јазик, така да се молиме, да тагуваме или да се радуваме, ни ја дава и ни ја признава преку познатата парабола (или метафора!?) со сонцето:

Не врне ли дожд од Бога подеднакво за сите? А сонцето не грее ли исто така за сите? Зарем не дишеме воздух сите подеднакво? Па тогаш, како не се срамите да признаете само три јазика, а сите други народи сакате да бидат слепи и глуви?

За македонскиот, ова е сè уште актуелно, и денес да се зборува македонски за некого е неприфатливо, а одбраната се наоѓа и меѓу кориците на книгата што ја промовираме денес – рече Карапејовски  кој истакна дека во книгата се поместени најзначајните  кирилометодиевисти од Македонија, но и автори што го расветлуваат нивниот животен и творечки пат од историска перспектива, сè до инспирацијата што ја поттикнале кај создателите на уметничката литература .

-Па, така, вториот наслов на оваа книга сигурно може да биде и „Кирил и Методиј во Македонија“, бидејќи патот на кој тргнуваат од Солун (не физички, ами земајќи го зборот на македонските Словени од околината на Солун како основа за својата богоугодно земско-империјална мисија, како што необорливо докажаа Јагиќ и Облак, а научниот свет го прифати, го евалуира и, на крајот, го преметна во аксиома, па Македонската теорија стана речиси единствената важечка во славистиката и во лингвистиката), значи, – патот од Солун завршува во Охрид, за да почне одново во едно уште поважно патување, она на писменоста, на поучувањето и на Универзитетот, како Мајка на универзалното знаење, преку Светиклиментовиот универзитет. – подвлече Карапејовски.

„Книга за Светите браќа Кирил и Методиј“ е петти заеднички проект на  авторите Димитар Пандев и Славе Ѓорго Димоски. На овој труд му претходеа „Дојди во Охрид“, „Антологија на ловорот“, „Книга за Чинго“ и „Охридски раскажувачи“ сите издадени од Општина Охрид.

извор: општина Охрид

фото: општина Охрид