сабота, ноември 23, 2024
АктуелноОхрид

Туристичките места ќе работат и во недела, Бектеши денеска на средба со трговци од Охридско-струшкиот регион

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска во Охрид на средба со трговци од Охридско-струшкиот регион. На средбата, министерот ги информира за предложените измени и дополнувања на Законот за трговија за „недела неработен ден” во туристичките места.

-Измените и дополнувањата на Законот за трговија се поднесени во Собрание, а се однесуваат на одредбите во однос на недела неработен ден, со што ќе се дозволи да се работи и во недела во туристичките места, вклучувајќи ги Охрид и Струга, и во трговија на мало и на големо. Се очекува најкасно за две недели да почне примената на новото, изменето законско решение, изјави министерот Бектеши.

Како што кажа министерот целта е сите стопанствениците да имаат поголема можност во делот на зголемување на економската активност, имајќи ги предвид, рече, податоците за првите месеци, посебно во првиот квартал во делот на зголемување на туристите и тоа што е најавено во текот на летото кога има резервации, како и согласно сите податоци што ги има Агенцијата за туризам за странски туристи кои ќе ја посетат Северна Македонија, посебно регионот на Охрид и на Струга.

– Министерството за економија и Владата ќе продолжи со мерки за поттикнување и на домашниот и на странскиот туризам. За мерките со ребалансот сме предвиделе 15 милиони денари и ќе продолжиме со мерката за доделување ваучери за вработените со ниски приходи и на тој начин да го зголемиме бројот на домашни туристи. Секако дека ќе продолжиме и со другите мерки што ги спроведува Агенцијата за туризам и со чартер летови и да поттикнеме што повеќе странски туристи да го посетат овој регион – изјави министерот.

Во рамките на посетата,предвидено е министерот Бектеши ќе направи обиколка низ трговските објекти во Охридската чаршија.

Чаршискиот еснаф од Охрид и Струга со поддршка на угостителите, хотелиерите и локалните самоуправи бараат туристичките места да бидат изземени од Законот и недела да биде работен во туристичката сезона, но и во продолжените викенди преку цела година. Тврдат дека со законското решение, со кое од 1 јануари недела е не работен ден, трпи бизнисот, а губи и туризмот во градот.

фото: Архива