среда, ноември 27, 2024
News1.mkНаш ИзборНаш избор

Ковачевски на средба со г.г. Стефан: Историската одлука на Вселенската Патријаршија е признание за вековното постоење на МПЦ-ОА

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска оствари средба со Архиепископот Охридски и Македонски и поглавар Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија г.г. Стефан.

На средбата премиерот Ковачевски му честиташе за радосната веста за одлуката на Светиот Синод на Вселенската Патријаршија со која Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија се прима во евхаристичко заедништво со останатите православни цркви.

Премиерот Ковачевски на средбата истакна дека станува збор за историска одлука и долгоочекувано вековно признание за постоењето на Македонската Православна Црква, наследничка на древната Охридска Архиепископија.

Со оваа одлука на Вселенската Патријаршија, беше потенцирано на средбата, архијереите на МПЦ-ОА, свештениците и монасите, како и православните верници во нашата земја се стекнуваат со правото да соучествуваат во литургиското единство со останатите православни цркви.

Претседателот на Владата Ковачевски на средбата со Архиепископот Охридски и Македонски и поглавар Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија г.г. Стефан, посочи дека оваа историска одлука е донесена кога оваа генерација архијереи раководи со МПЦ-ОА и со православното свештенство, монаштво и со православниот народ и дека таа е донесена со интензивна комуникација со Вселенската Патријаршија во последните 4 години, во која со свој придонес учествуваа и претставници на Владата на Северна Македонија.

Во таа насока беше и писмото на премиерот Ковачевски на почетокот на неговиот мандат до патријархот на Цариградската Патријаршија, неговата светост Вартоломеј, во кое тој уште еднаш повика Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија да биде примена во евхаристичко единство со Мајката Црква како решение на ова долгогодишно црковно прашање во нашата земја.