АктуелноОхрид

(ФОТО и ВИДЕО) Литија со моштите на свети Георгиј ја освети Струга

На раскошно украсен епитаф, со локалното свештенство и братството и сестринството од Бигорски, манастирите во Рајчица и Пречиста, со традиционалните торжества, денеска во Струга се одржува познатата струшка Литија (Еордија) со моштите на „Свети Георгиј Победоносец“, чудотворната икона на светецот и Крнинската икона на Богородица.

На Еордијата ѝ претходи церемонијално полициско возило, кое на симболичен начин ќе го одбележи чествувањето на свети великомаченик Георгиј, како покровител на полициските и безбедносни сили, кои без оглед на нивната национална и верска припадност, секогаш се тука за да ги чуваат мирот и безбедноста.

Меѓу возилото и литијата,  дефилира коњаник, облечен во римска трибунска воена облека, којашто е изработена од автентични материјали и е верна копија на оригиналните воени оклопи од тоа време, дело на познат италијански експерт за историјата на древната Римска империја. Коњаникот, кој во раката ќе држи палмова гранка како симбол на мирот, ќе има улога на посебен редар и најавувач на процесијата. На чело на Еордијата (Литијата) ќе биде член од Бигорското братство со клепало, потоа носачи на крстови, рипиди, знамиња, псалти и братството на Бигорскиот манастир, оркестарот на град Скопје, чудотворните иконите на Свети Георгиј Победоносец и Пресвета Богородица – Крнинска, сестринствата од манастирите во Рајчица и Пречиста, свештенството на Дебарско-кичевската епархија, митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј и епископот Антаниски г. Партениј, и најпосле, најголемата светиња – моштите на светецот раскошно украсениот епитаф, појасни сестра Ефимија за МИА.

Моштите ги носат четворица видни граѓани, меѓу кои и поп пејачот Ламбе Алабакоски, а се  придружувани и чувани од четворица капетани од сејменската гарда на Бигорскиот манастир, облечени во раскошната традиционална мијачка носија, со сејменски ќостек на градите, на којшто е претставен ликот на Свети Јован Крстител. Зад сердарите ќе оди сејменската гарда, чии членови ќе бидат, исто така, облечени во традиционални мијачки носии, со ќостек на градите со ликот на Свети Георгиј Победоносец.

Верниците и сите добронамерници ќе се движат после гардата, а оние што неможат да се вклучат во литијата поради многубројниот народ, ќе останат на двете страни од улиците ќе се поклонат пред моштите и заедно со дечиња во народна носија ќе ги поздравуваат со зборовите „Христос воскресе – Навистина воскресе“ и фрлање цветни ливчиња.

Зборот литија значи свечена црковна процесија и е составен дел од богослужбата во црквата. Вакви процесии, според традицијата, се практикуваат во сите православни земји и секогаш се збогатени со светињи – мошти и чудотворни икони.

Литијата постои во Струга уште од времето на преродбата, која е на местото од стариот храм од 16 век, кој бил урнат во времето на Османлиите. Иконата на свети Георгиј, пак, е најстарата икона од овој светец во Македонија, а се вбројува и меѓу седумте икони од 13 век пронајдени во македонските храмови. Му припаѓала на иконостасот на старата истоимена струшка црква, која била урната и на нејзино место во 19 век бил изграден денешниот централен црковен храм „Свети Георгиј“.