АктуелноОхрид

(ФОТО) И денеска истекува матна вода во езерото кај Воска, директорот на ЈП „Колекторски систем“ вели бараме средства од Владата

И утрово од реката Грашница на самиот влив во Охридското Езеро во населбата Воска продолжува истекувањето на матна вода. Жителите се жалат дека со овој проблем се соочуваат над 20 години, и дека за овој период освен ветувања нема конкретно решение на проблемот.

„Живеам на 200м од тука, а одам на плажа на километри од тука. Интересното е во јули и август кога преку цела плажа има израснати пиперки, патлиџани, лубеници и други растенија зависно од тоа што сме конзумирале ние жителите од таа населба. А таа цевката што ја гледате е канализација. Па 50м погоре врви канализацијата, но поради малиот капацитет цело ова ѓубре го исфрласе преку шахтата на улица. Но за среќа се нашол некој паметен и со еден бајпас го ресил проблемот. После оваа цевка на едно 50м понатака има уште една канализација што течи во езеро. Таа е на другиот крај од игралиштето.  Не сакам да коментирам како изгледа кога врни дожд“, вели жител од Воска.

Директорот на ЈП Колекторски систем Владимир Алексијоски за Охрид 1 вели дека точно знаат со кој проблем се соочуваат жителите од овој дел на Охрид. Тој открива дека проблемот е што реката Грашница не е приклучена во колекторскиот систем.

„На овој потег имаме многу проблеми, не е само тоа што Грашница не е приклучена на колекторскиот систем. Има многу диви приклучоци, поради што имаме мешање на атмосверска и фекална канализација. Има искршени цевки, а дел од цевки детектиравме дека се запушени, не со мали камчиња и се што носи водата, туку големи парчиња камења. Покрај овие проблеми, овде има и два системски пропусти уште кога се градел колекторот, оставени се два испусти кои одат дирекно во Езерото“, вели директорот Алексијоски.

Директорот додава дека сакаат еднаш засекогаш да се реши проблемот, но за тоа да се направи, треба заедно да работат Владата, ЈП и Локалната самоуправа.

„Бараме средства од Владата. Постојано сме во комуникација. Сметаме дека со некој ребаланс на буџетот ќе се издвојат средства, колку и да се тие ние ќе почнеме, зависно колку пари ќе ни доделат. А до тогаш во комуникација сме со ЈП Ниско градба, барем да почнеме со чистење на запушените цевки“, вели  Алексијоски за Охрид 1.

Од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), вчера  извршија вонреден инспекциски надзор на лице место, при што константирано е дека од реката Грашница се влива матна вода најверојатно како последица на зголемениот водостој на водите по обилните врнежи од дожд и топењето на снегот.