АктуелноНаш ИзборНаш изборОхрид

Жителите на Лакочереј со најава: Не ги пуштаме децата на школо ако утре „Лев Тахор“ се уште тука

Жителите на охридското село Лакочереј, во кое во моментов престојува еврејската верска група „Лев Тахор“, вчеравечер се собрале на протест на сретсело, по што отишле пред хотелот каде се сместени припадниците на сектата и му дале рок на сопственикот до утре да ги избрка.

Во спротивно, селаните се заканиле дека ќе излезат на масовни протести, а децата нема да ги пуштат на училиште, пишува ТВ24.мк.

-Синоќа се собравме стотина луѓе спонтано. Го побаравме газдата на хотелот каде е сместена групата ‘Лев Тахор‘. Газдата од за него познати причини ни рече дека не може да присуствува на собирот кој беше сред село. Сите отидовме пред хотелот и му кажавме до среда напладне да си ги дислоцираат луѓето. Тој кажа дека работел на тој проблем и со туроператорот барале решение. Имаше и полиција на собирот, вели Илче Настоски, жител на селото.

Тој најави масовни протести пред хотелот доколку ова не се случи, а рече и дека селаните нема да ги праќаат децата на училиште, бидејќи школото било само на 500 метри од хотелот, па стравувале припадниците на верската група да не им ги киднапираат.

Од Еврејската заедница во земјава реакциите на Лакочерејци ги оценуваат како неверојатен говор на омраза кон група на луѓе која и мирољубива и не загрозува никого.

„Една мала група на подбуцнувачи со своите изјави во стилот „Треба да се запали хотелот со се Евреите по него“ предизвикува страв и непријатно чувство на Евреите во Република Македонија. Никогаш Евреите во Македонија, не се судриле со таков антисемитизам, ксенофобија и јазик на омраза, кој може да предизвика несогледиви последици.

Полицијата денеска соопшти дека жена од Охрид добила кривична пријава откако во коментар повика „да се запали сектата сосе хотелот“.

Групата во која членуваат американски, канадски, белгиски и државјани на земји од Јужна Америка, до пред десетина дена престојувала во Сараево, Босна и Херцеговина, па откако завршил престојот дошла во Македонија. Припадниците на групата повеќепати повторија дека не планираат да останат во земјава.

 

тв24.мк