АктуелноВидеоОхрид

(ВИДЕО) Пецаков: Енергетската криза силен удар по буџетот на Општините и ЈП – Владата нема никаков слух за помагање

Енергетската криза силен удар по буџетот на Општините и Јавните претпријатија.  Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков вели дека ситуацијата е катастрофална и за оние кои немаат веќе договори со добавувачи на електрична енергија меѓу нив и Општина Охрид, ЈП „Водовод“ и ЈП „Билјанини извори“.

Пецаков за да направи споредба кажа дека во декември 2020 година ЈП „Водовод“ имало 2 милиони денари сметка за струја, а сега истата изнесува 6,5 милиони денари.

-Претпријатието е доведено на работ на егзистенција и се јавува дилема дали ќе треба како во комунизмот да имаме рестрикции на вода или воопшто да немаме вода или, пак, вработените нема да може да земат плата. При тоа Владата нема никаков слух за помагање на самите општини и локалните самоуправи. Како ЗЕЛС и јас како член на Управниот одбор веќе направивме чекор и очекуваме итна седница на којашто би не примиле сите челнови на Управниот одбот на единиците на локалните самоуправи и да видиме што може реално државата да помогне. Во моментов не е доведено во прашање водоснабдувањето на граѓаните во Охрид, вели градоначалникот Пецаков.

Покрај „Водовод“, тука е и ЈП „Билјанини извори“. Во Ова ЈП во декември 2020 сметката за струја изнесувала 83 илјади, а веќе во декевмри 2021 е 600 илјади денари. И за Општина Охрид ако во 2020 година сметката за струја во декември била 329 илјади денари, во декември 2021 година изнесува 1,5 милиони денари.

Градоначалникот потенцираше дека овој проблем го имаат сите општини не само Општина Охрид и потребен е слух од Владата.

Премиерот пак пред два дена одговарајќи прашање на оваа тема рече дека сите па и општините, како и Владата треба да придонесат со своето работење и однесување во надминување на предизвиците од енергетската криза. Има инфлација од предизборни ветувања дадени од градоначалниците, но тие во општинските буџети не предвидоа ставка за справување со кризата.

Разговорите со нив ќе продолжат во духот на изнаоѓање подобри решенија за справување со кризата, порача премиерот.

– Нормално дека состанок ќе се одржи. Ќе се одржуваат состаноци. Јас имам комуникација како премиер со градоначалниците на теми коишто ги засегаат и сум имал особено како заменик-министер за финансии. Меѓутоа, има една работа, а тоа е дека сите во оваа криза треба да придонесат со своето работење и однесување во надминување на предизвиците од кризата. Општините, односно градоначалниците прво своите изборни програми и сите ветувања коишто ги даваа коишто беа – најголемата инфлација беше во ветувањата. Тоа беа ветувања коишто кога ќе ги ставите на хартија се прашувате на кој начин ќе се финансираат и сега одеднаш гледаме дека тие ветувања ни на интернет не можете да ги најдете. Општините, новите градоначалници сами ги правеа буџетите. Кога се правеше буџетот на Република Северна Македонија во него се предвиде ставка за справување со кризата. Јас сметам дека тоа требаше да го направат и општините, рече премиерот Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе одржи состанок со ЗЕЛС кој е на барање од заедницата на локалните самоуправи.