АктуелноНаш изборНаш ИзборОхрид

Шпанија: Еразмус искуство на охридските гимназијалци

Еразмус+ проект ECHOSET на охридската гимназија за културно наследство на малите европски градови полека се заокружува со претпоследната мобилност која неодамна се одржа во Шпанија. Група гимназијалци, Емилија Андонова, Љубица Јованоска, Катерина Маневска и Димитар Назифовски, во придружба на проект менаџерот, психолог Алберта Гулицовска и проф. Јасминка Иваноска, беа гости на училиштето „Габриел Галан“ од Монтехермосо, во областа Екстремадура, регион во внатрешноста на Шпанија од западната страна на граница со Португалија, чие влијание се чувствува  и во носталгичниот звук на традиционалната музика, покрај фламенкото. Нејзиниот назив е сочинет од два збора: екстремна (extrema) и тешка (dura), што во минатото веројатно се однесувало на нејзината географска положба и близина со Португалија. Тоа е регион кој важи за најсиромашен во Шпанија, но изобилува со богатства во поглед на историја, традиција, гастрономија и еколошки чиста средина. Од огромната тепсија паеља на издашното февруарско сонце на отворено во школскиот двор преминавме на фарма зa свињи „Ибериjа“ каде црните ибериски свињи шетаа слободно и се хранеа исклучиво со желади, каде вкусивме од превкусниот хамон, односно шунка (сланина, пршута) во комбинација на извонредни сирења, за да во наредните денови ја вкусиме Шпанија, покрај непца, со сите останати сетила. Присуствувавме на локалниот карневал со пагански елементи испреплетени со религиски, бидејќи е дел од свеченостите посветени на Св.Блаж,  каде танцуваа „негритоси“ со лица обоени во црно. На интернационална работилница за изработка на карневалски капи, учениците се дружеа со средношколци од останатите пет земји, а со дел од нив ги продлабочија пријателствата создадени за време на нивниот престој во Охрид.

Од Пласенсија, малото гратче во непосредната близина кое потсетуваше на италијанските  градови се отиснавме подалеку до Мерида, еден од најзначајните центри на тогашнато западно римско царство со зачуван римски театар на Аугуста Емерита, како и амфитеатар во непосредната близина, позициониран на „Патот на среброто“ (Via de la Plata). Христијаните тој пат го користеле, и се уште го користат за аџилак до Сантјаго де Компостела. Го посетивме и Касерес, градпрочуен по зачуваното, големо средновековно јадро  и зидини кои се заштитени од УНЕСКО од 1986. година, поради единствениот спој на римска, исламска, готичка и ренесансна архитектура. Посетата је завршивме во шпанската престолнина, Мадрид, кој не освои со својата динамика, раздвиженост, архитектура… Пролетните температури сред зима беа идеални за прошетка низ центарот по познатата авенија Гран виа, плоштадот Пуерта дел Сол, низ познатиот парк Ретиро, како и посета на симболот на Мадрид, Кралската палата од 18 век, една од најдобро зачуваните во Европа.

gimnazijaohrid.edu.mk/