недела, ноември 24, 2024
АктуелноНаш изборНаш ИзборОхрид

Лекар од болницата „Св.Еразмо” со отворено писмо до министерот Сали: Каде во светот се соединува Кардиологија со Ортопедија?

Лекарот специјалист Атанас Поп-Стефанија,

 вработен во Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо” од Охрид, упати отворено писмо до јавноста, но пред се до министерот за здравство, да преземе мерки за надминување на проблемите во функционирањето на установата, како и за актуелизирање на темата.

Тој го повикува министерот Беким Сали да направи, како што вели, „исправен чекор за иднината на ортопедијата, трауматологијата и неврохирургијата во Охрид и во југозападниот регион од Македонија” на начин што нема да дозволи префрлање на дел од интервентната кардиологија од ЈЗУ Специјализирана болница за лекување на кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан” во објектот на ЈЗУ Специјализирана болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо”.

Поп – Стефанија потсетува дека Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо” во Охрид е формирана во 1950 година и низ сите изминати години функционира стручно, кадровски и инфраструктурно независно. Болницата примарно е посветена на развојот на ортопедијата, трауамтологијата, неврохирургијата, рехабилитацијата и нив сродните гранки.

– Проектот за реконструкција и префрлање на дел од интервентната кардиологија од „Св.Стефан” започна во 2015 година, под раководство на тогашниот министер за здравство Никола Тодоров, а беше поттикнат и промовиран од политички, здравствени или бизнис-структури со сомнителни интереси. Ветуваа дека ќе биде завршен за 18 месеци, а остана со нерешен статус веќе 6-7 години. За сето тоа време, условите за работа во ЈЗУ Специјализирана болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо” се отежнати, со намалена инфраструктура, ограничени можности за организација, а квалитетот и квантитетот на дадените медицински услуги е на значително високо ниво, благодарение на големите напори и ентузијазмот на медицинскиот персонал и менаџментот, се наведува во писмото.

– Вие, министре, д-р Беким Сали имате можност да му ставите крај на тоа. Двете болници претставуваат добар пример со своето досегашно индивидуално работење. И двете болници обезбедуваат значителни здравствени услуги за нашиот здравствен систем и неговите осигуреници. Треба да си го одговориме прашањето зошто е потребно спојување, физичко или правно на двете институции? Дали некаде во развиените земји има соединување на кардиологија и ортопедија?! Зошто е некој подготвен на ваков експеримент, кои се неговите „нејасни” мотиви?”, стои во писмото.

Поп – Стефанија потсетува дека главниот аргумент за овој проект од времето на министерот Никола Тодоров беше дека Специјализираната болница за лекување на кардиоваскуларни заболувања во „Св. Стефан” може да го изгуби својот објект на истоимената локација и поради тоа им се потребни нови простории.

– Тој аргумент веќе не е валиден, бидејќи Министерството во неколку наврати нé информира дека болницата ќе остане и со стариот објект и со новото крило во Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо”. Се поставува многу логично прашање, зошто развивањето на инфраструктурата за кардиологијата не се оствари на нивната локација, а новото крило целосно не припадне каде што и припаѓа, на Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо”, со што би се зголемил стандардот, условите за работа, квалитетот и квантитетот на ортопедијата, трауматологијата и неврохирургијата?” вели лекарот Поп – Стефанија.

Тој на крајот посочува дека треба да се отфрли проект со кој се хендикепира иднината и развојот на една болница за сметка на друга, „само заради тоа што некој избрал дека ортопедијата во Охрид не заслужува подобри услови, па одлучил тука да инсталира нечија друга испостава”.

 

Слободен печат