петок, ноември 22, 2024
АктуелноНаш изборНаш ИзборОхрид

Денес официјалното дефиле на Вевчанските маски во 15 часот

Со традиционалното дефиле под маски, кои на сатиричен начин ќе ја прикажат изминатата година, денеска напладне официјално почнува Вевчанскиот карневал „Василичари 2022 година”.

Двете василичарски друштва Горна и Долна маала со зетот, невестата, двата ѓаволи, глупавите Августи и останатите маски инспирирани од актуелните политички и секојдневни случувања во земјава и светот ќе продефилираат низ вевчанските улици. Вевчани денеска и утре ќе наликува на театар на отворено, а секое карневалско издание за вевчанци е доживување и инспирација за изработка на маска за следната година. Вевчанци ќе кажат се, но до последен момент, до дефилето не откриваат во што ќе се маскираат.

Вевчанскиот градоначалник Спасе Кочовски истакна дека маските не сакаат никого да навредат, туку само прикажуваат што се случувало изминатите 12 месеци. Сместувачките капацитети, иако во мал број, според него, се исполнети до последното место, а очекува гости и од околните населени места.

Новата година, според Јулијанскиот календар ќе биде дочекана со спектакуларен огномет во центарот на Вевчани, а присутните ќе ги забавуваат Перо Бели, Елена Јовчевска, Сања Ристеска и Дамјан Стојаноски.

Во утринските часови традиционално невестите од двете маала заедно со гостите одат на Вевчанските извори да наполнат вода, со која се прави вевчанскиот кашаник (зелник) во кој се става паричка. Кај оној што ќе се падне паричката ќе биде среќен и бериќетен во текот на целата година. Според традицијата, манифестацијата завршува на 14-ти, попладне со карневалско оро и палење на маските во центарот на Вевчани.