АктуелноОхрид

Општина Охрид потпиша меморандум за соработка во рамки на проектот „Recircled red“во Марсеј, Франција

Во рамки на меѓународниот настан „A Mediterranean Journey: Walk the Euro-MED Latitude!“, кој се одржа на 25 и 26 ноември 2026 година во Марсеј, Франција, беше потпишан Меморандум за разбирање и соработка во рамки на проектот „RECIRCLE MED“.

Во име на Општина Охрид, со овластување од градоначалникот Кирил Пецаков, меморандумот го потпиша Ѓоко Апостолов, раководител на Секторот за туризам и локален економски развој.

Покрај Општина Охрид, потписници на меморандумот се: Дарио Фавоњано (Dario Favognano) – раководител на Одделот за туризам на Општина Чефалу, Италија, овластен од градоначалникот; Иван Алексиев (Ivan Alexiev) – градоначалник на Општина Поморие, Бугарија; Душан Раичевиќ (Dušan Raičević) – градоначалник на Општина Бар, Црна Гора; Жозеп Родригез (Josep Rodríguez) – претставник на Провинцискиот совет на Барселона, Шпанија, во име на водечкиот партнер на проектот „Community4Tourism“; Хулија Саиз-Пардо (Julia Saiz-Pardo) – претставник на Андалузиската јавна фондација „El legado andalusí“, при Регионалната влада на Андалузија, Шпанија, во име на водечкиот партнер на проектот „Dialogue4Tourism“.

Потпишувањето на меморандумот претставува значаен чекор кон институционализирање на меѓународната соработка, размена на знаења, искуства и добри практики, како и унапредување на примената на принципите на сината и циркуларната економија во туристичкиот сектор.

Меморандумот е склучен за почетен период од две години, со можност за последователно продолжување, со што се создава основа за континуирана соработка и по завршувањето на проектните активности.

Преку учеството во проектот „RECIRCLE MED“ и воспоставувањето партнерства со европски локални и регионални институции, Општина Охрид активно придонесува кон развојот на одржливи туристички политики, заштитата на природните ресурси, унапредувањето на локалната економија и воведувањето иновативни модели за одговорно управување со туристичките дестинации.

Со потпишувањето на овој меморандум, Општина Охрид ја потврдува својата определба за одржлив развој, заштита на природното и културното наследство и зајакнување на својата позиција во рамките на европската соработка во областа на одржливиот туризам.

Проектот „RECIRCLE MED“ е кофинансиран од Европската Унија преку програмата Interreg Euro-MED 2021–2027.