среда, ноември 27, 2024
АктуелноОхрид

Се е подготвено за Вевчанскиот карневал – за забавата задолжени домашни изведувачи

Во рамките на манифестацијата Вевчански карневал, која, како што информира градоначалникот Спасе Кочовски, почнува на 12 јануари со отворање на мултикултурниот центар „Коста Србакоски“, вечерта настап ќе имаат охридскиот ди-џеј Фејс и Жаре бербер. Следниот ден, на 13 јануари, настап ќе има и локалниот уметник Перо Бели.

Годинава решивме на Вевчанскиот карневал да настапат македонски изведувачи, со што ќе ги поддржиме нашите уметници, истакна Кочовски.

Со настап на Елена Јовчевска, Сања Ристеска и Дамјан Стојаноски и спектакуларен огномет, во рамките на манифестацијата, вевчанци на 13 јануари, ќе ја испратат старата и ќе ја дочекаат новата година според стариот Јулијански календар.

Дел од програмата, според Кочовски е и изложбата со фотографии и уметнички слики од повеќе македонски автори во Мултикултурниот центар.

Иако Свети Васлилиј, годинава е во работен ден очекуваме голема посетеност, како на карневалското дефиле, така и на забавниот дел од манифестацијата. Ќе понудиме добра забава, што ќе ја надополни туристичката понуда на Вевчани. Апелирам до вевчанци и гостите да ги почитуваат препораките за заштита од Ковид – 19, да држат соодветно растојание и да носат заштитни маски, истaкна Кочовски.

Според традицијата, Вевчанскиот карневал почнува на 13 јануари напладне со дефиле на маски на двете василичарски друштва Горна и Долна маала.

Манифестацијата завршува со традиционалното василичарско оро и палење на маските во центарот на Вевчани, на 14 јануари.