петок, ноември 22, 2024
Актуелноглавни-вестиИнтервјуаНаш изборОхрид

ИНТЕРВЈУ со Арбен Демироски Бено: Советник имаме и повторно ќе го имаме !

Првиот човек на ПИРАМИДА ЗЕМ Арбен Демироски Бено, кој важи и за неформален лидер на заедницата на Египќаните во Охрид, во интервју за Ohrid1.com зборува за трудот и напорот со кој во изминатите 10 години колку што е активен во политиката успеа Египќаните да се факторизираат и да станат неодминлив дел на политиката во Охрид. Денес оваа некогаш потиснувана етничка заедница стои исправено и размислува за иднината и интеграцијата на нејзини припадници во раководни места на системот.

Ohrid1.com : Поднесовте независна листа за Совет и независен кандидат за градоначалник. Зошто се одлучивте на ваков чекор како етничка заедница ?

„Прво да појаснам дека ова не е прв пат да собираме потписи. Потписи за еден ден собравме и 2017 година кога планиравме сами да одиме на избори заради причини креирани од тогашната власт, но јавноста ова не го знае бидејќи нас не немаше во медиумите во тоа време. Овој пат собравме потписи за листата и независниот кандидат за да имаме кредибилитет во евентуални преговори за заеднички настап со други партии. Едноставно кога ќе седнеме на преговарачка маса да се знае колку ние тежиме, и политичките парти кои сакаат со нас да преговараат или евентуално да се договорат да знаат реално колку тежи тој со кој седнале да разговараат.

„Собравме потписи за листата и независниот кандидат за да имаме кредибилитет во евентуални преговори за заеднички настап со други партии. Едноставно кога ќе седнеме на преговарачка маса да се знае колку ние тежиме“

Ohrid1.com : Често зборувате дека Египќаните се неодминлив дел на политичката сцена во Охрид, дека се политички фактор, дека конечно по долги години се вклучени во одлучувањето во градот. Каква порака испраќате со тоа ?

Испраќаме порака дека ние сме тука, дека ние сме рамноправни, дека ние гласаме во склад со нашите интереси на изборите и дека никој повеќе неможе да не контролира туку ние се контролираме самите и го штитиме интересот на народот, а не на некој поединец. Египќаните со децении беа мета на разни форми на влијанија со цел да се употребуваат на изборите. Кога велам влијаниа тоа е широк спектар на различни форми кои го спроведуваа одредени центри и секогаш гласаа за други бидејќи Египќанец никогаш немаше за кандидат. Од 2016 година тоа веќе не е така. Тогаш имавме двајца кандидати Египќани, едниот стана советник и до денес е на таа функција. Изборите се пред нас, дали во коалиција со друга поголема партија, или сами на избори, ние повторно ќе имаме советник и ќе останеме на политичката сцена. Тоа никој повеќе нема да може да го спречи.

„Ние гласаме во склад со нашите интереси на изборите и дека никој повеќе неможе да не контролира туку ние се контролираме самите и го штитиме интересот на народот, а не на некој поединец“

Ohrid1.com : Како течеше процесот да се стигне до оваа состојба во која Египќаните станаа субјект на политичката сцена на Охрид ?

Процесот беше долг и не беше лесен. Јас би рекол процес на наша факторизација за која ние бевме свесни, свесни беа и властите и пред 2017 ( но правеа бројни опструкции да го попречат нашето факторизирање ) бидејќи математички пресметани се гледа дека Египќаните како втора по бројност етничка заедница во Охрид се одлучувачкиот фактор во изборите во Охрид. Дека со гласовите на Египќаните се бира градоначалник јасно се гледа уште пред јас да се појавам во политичките процеси на изборите пред 2013 година. И претходно со гласовите на Египќаните се избирал два пати Александар Петрески кој имаше тесни победи од по неколку стотици гласови, па до изборот на Никола Бакрачески, кога и јас бев активно вклучен во изборите. Тој победи со огромна разлика, но ако се изанализира подлабоко колку гласови му донеле случувањата за кои јавноста се запозна со бомбите и гласовите од Пустец, станува јасно дека и без тие гласови ќе победел со помала разлика, но со гласовите на Египќаните. Победи и покојниот градоначалник Јован Стојаноски токму со нашите гласови, а истиот е и со актуелниот градоначалник Константин Георгиевски, за кој можам да кажам дека победи на нај фер и нај релаксирани избори до сега. Овде набројав изборни процеси во последните дваесетина години. Значи дури после 20 години реално одлучување кој ќе владее со Охрид, ние официјално станавме политички фактор, иако реално и во пракса со години сме биле токму тоа.

„Со гласовите на Египќаните се бира градоначалник јасно се гледа уште пред јас да се појавам во политичките процеси на изборите пред 2013 година. И претходно со гласовите на Египќаните се избирал два пати Александар Петрески кој имаше тесни победи од по неколку стотици гласови, па до изборот на Никола Бакрачески, кога и јас бев активно вклучен во изборите.“

Е сега за тоа како течеше процесот. Најпрво започнавме со формирање на Здружение на граѓани ПИРАМИДА ЗЕМ. Ова здружение практично го формиравме без пари, за да можеме да најдиме некаква правна форма да почниме да работиме проекти со кои ќе обезбедиме некакви средства за функционирање на пример на фудбалски клуб или играорна група на Египќаните. Прв пат преку ова здружение направивме и концерт во Домот на култура во Охрид, кој потоа станаа редовни годишни концерти на кои настапуваа музичари Египќани, а салата беше претесна да ги прими сите кои сакаа да дојдат. Потоа работевме и хуманитарни акции. Основавме и наш интернет портал www.ohridvest.com за да можеме јавноста да ја информираме за нашите активности, бидејќи бевме целосно игнорирани од медиумите. Сите овие активности беа еден вид ставање темел со цел да се направи едно тело кое ќе го обедини нашиот народ, ќе го собере под еден покрив и од тука ќе тргниме кон остварување на своите цели. Овие цели најсериозно почнавме да ги остваруваме на изборите 2017 година, кога на листата на СДСМ се најдоа двајца Египќани. Денес сме 2021 и ние не дискутираме дали ќе имаме советник, туку дискутираме што после тоа, како да продолжиме да се интегрираме во институциите и како етничка заедница да го добиеме местото кое ни припаѓа.

Ohrid1.com : Вие лично и Египќаните бевте спомнати и во одредени аудио снимки кои се појавија во јавноста, а Ве спомна и Бојан Јованоски кој во судница кажа дека сте одлучувале за изборите во Охрид. Како го коментирате ова ?

Јас остварува контакти со највисокиот ешалон на политичари и од власта и од опозицијата. Тоа е така со години, и точно е дека често разговарав и разговарам со луѓето од политичките партии и лидерите. Јас кога некој ќе ме побара морам да разговарам, а дали тоа некој го снимал не знам. Што се однесува то тоа што бев спомнат лично јас во судскиот процес кој го спомнавте, тоа би го искоментирал дека веројатно во судницата некој бил свесен за политичките прилики во Охрид и коалицирањата на избори кои носат победи.

Ohrid1.com : Често се појавувате на средби со амбасадорите. Зошто конткатирате со амбасадите и која е целта ?

Ние контактираме пред се со амбасадите на државите кои се и формално сојузници на Македонија. Тие контакти не ги правиме тајно, напротив секоја средба сме ја објавиле јавно со информација за средбата и со фотографии. Амбасадорите на земјите членки на ЕУ и НАТО, како и самиот евро амбасадор ( актуелниот и тој пред него ) се големи пријатели на Македонија. Ако зборуваме објективно тие се гарантите на опстојувањето на Македонија, тие се во голема мера и покровители на државата изминатите 30 години, од финансиската помош која сме ја добиле низ годините как одржава , а која е во милијарди долари, па се до безбедноста која ја пружаат на државата. Како и сите останати субјекти така и ние сакаме да имаме релации со западните амбасади и да ги запознаваме со приликите или не приликите во кои се наоѓаме како дел од ова општество. Важно е дека тие се интересираат за нас, имаме поддршка и ќе продложиме со контакти и натаму.

 Ohrid1.com : Какви активности спроведувате во делот на хуманитарната работа преку ПИРАМИДА ЗЕМ ?

Тоа се не броени акции кои ги спроведовме низ годините, а за кои јавноста не е ни информирана бидејќи наша проценка е дека за некои акции нема логика да се галиме во јавноста. Секоја година делиме стотици пакетчиња за децата од египќанските фамилии, но и на социјално загрозени семејства од Македонци, Албанци, Турци.. Делиме пакети со храна во текот на целата година и тоа не се некој симболични пакетчиња туку пакети, во кои има од месо до средства за хигиена во домот. Хуманитарни акции редовно правиме за Бајрам. Даваме помош и при средување документи во институциите, каде нашите граѓани најчесто „заглавуваат“ затоа што неретко и самите имаат проблем да ги припремат сите потребни документи за отпочнување некој процес, а неретко и некој не одговорен административец мисли дека може да „игра мајтап“ со некој наш сонародник, па тогаш и лично одиме на лице место во институцијата да ги решиме работите. Но, тука сакам да нагласам дека сето ова не го правиме само за Египќаните туку и за останатите граѓани кои ќе ни се обратат за помош, а ги има се повеќе и повеќе.

Ohrid1.com : На настаните кои ги организирате во „Дом на култура Григор Прличев“ големата сала е претесна за сите кои сакаат да дојдат. Зошто има толкав интерес кај Египќаните за овие настани ?

Точно така ! Салата е мала да не собере сите кои се заинтересирани да дојдат. Се случувало многу да останат надвор или да стојат простум внатре. Многумина велат дека ние како Здружение ПИРАМИДА ЗЕМ собираме повеќе луѓе од најголемиот дел на политичките партии кои постојат на политичката сцена. Интересот е голем затоа што на овие настани имаме доделување благодарници и признанија за успешни ученици, за спортисти, за културни дејци од редовите на Египќаните. Секако тука е и музичкиот дел кој доаѓа на крај и за кој сигурно постои интерес.

Ohrid1.com : Што понатаму ? Какви планови имате како здружение и какви перспективи гледате за Египќаните ?

Египќаните понатаму може само да продолжат да одат напред на сите нивоа. Почнувајќи од тоа да се стипендираат младите кои учат и имаат резултати во школото, да се посветиме на вработувања, но и да добиеме раководни позиции. Ние постојано слушаме дека градиме „Едно општество за сите“ и покажуваме во пракса дека тоа е така. Согласно со тоа во иднина за очекување е да имаме директор на јавно претпријатие од Египќаните, да имаме шефови во „Комуналец“, за советник во Советот нема потреба да зборувам, тоа го имаме и ќе го имаме повторно. Значи понатаму одиме кон интегрирање на Египќани во раководни структури на системот. И верувајте дека тоа ќе се случи. Бидејќи ако се навратиме пред десетина години, тоа што сега го имаме веројатно тогаш било незамисливо, и да сум зборувал тогаш во медиуми дека ќе го имаме ова што го имаме денес никој немало да верува, некој можеби ќе се смеел, некој ќе кажувал дека кажувам сонови. Но, погледнете каде сме денес ! Затоа велам, се што сме зацртале до сега сме оствариле, и ќе ги оствариме и овие работи кои ги кажав погоре. Тоа е сигурно !

„Во иднина за очекување е да имаме директор на јавно претпријатие од Египќаните, да имаме шефови во „Комуналец“, за советник во Советот нема потреба да зборувам, тоа го имаме и ќе го имаме повторно. Значи понатаму одиме кон интегрирање на Египќани во раководни структури на системот. И верувајте дека тоа ќе се случи!“

Ohrid1.com : Каде се гледате себеси ? Колку се промени вашиот личен живот од како напредувате во политиката ?

Себеси се гледам таму каде сум и сега. Да го водам здружението ПИРАМИДА ЗЕМ, да работам за унапредување на положбата на Египќаните и да си го продолжам мојот бизнис. Јас работам приватно, не сум вработен во државна администрација, а сум можел да се вработам кога сакам. Сите знаат дека со години имам фирма Б7 ФОТО И ВИДЕО ПРОДУКЦИЈА за снимање свадби со што се занимавам најногу во лето. Го имам и порталот Ohridvest.com во кој работат двајца млади Египќани за објавување и пишување вести. Секако дека имам бројни контакти со луѓе од приватни компании до медиуми кои многу помогнаа во нашата мисија, а и помагаат кгоа ги правиме хуманитарните акции со средства и донации, за што сум им благодарен.