АктуелноВидеоИнтервјуаОхрид

(ВИДЕО) Чингоски: Во програмата на „ОХРИД ПРЕД СЕ“ одиме на решавање на системски прашања, срамота е да се фалиме со асфалтирање на улици

Независната кандидатска листа за локалните избори „ОХРИД ПРЕД СЕ“, официјално започна со работа на 19.05.2021год. Тие како што велат од Иницијативниот одбор, основната цел на оваа граѓанска иницијатива останува активното и масовно учество на граѓаните, со тоа што нивните  предлози се дел од изборната програма за персонализација на изборната листа. Основна цел како што велат е Советот на општината да го претворат во место каде граѓаните реално ќе ги решаваат своите локални проблеми и совет кој нема да биде продолжена рака на градоначалникот и партијата на власт.

„Точно е дека кај нас има поранешни функционери во оваа листа, поранешни пратеници, како и истакнати членови на СДСМ, членови од други политички партии, но и луѓе кои никогаш не биле во политичка партија. Ова е спој на луѓе кои сакаат да променат нешто во Охрид. Незадоволството од функционирањето на локалната самоуправа, а не незадоволството во нивните средини и партии дали добиле функции е пресудно“, вели Владо Чингоски, дел од „Охрид пред се“.

Чингоски кој беше и претседател на Советот на Општина Охрид од 2005 до 2009 год. објаснува која е функцијата на советот како тело на една општина.  Тој вели Советот е најбитниот орган и тој претставува пандан на републичкото собрание. Тој е граѓански и нормативен орган. Градоначалникот пак е посебен орган, пандан на Владата. И тој е извршен орган, меѓутоа без советот тој неможе да функционира. Советот пак носејќи ги одлуките ја формулира локалната политика на градот.

„Ние сега имаме совет кој е само алатка во рацете на градоначалникот. До денеска не сум слушнал, мнозинството кое го сочинува советот да му се спротиставило на одлуките на градоначалникот. Мотивот на иницијативниот одбор за нашата листа е советот да го ставиме на местото кое е предвидено со законот за локална самоуправа, поточно со надлежностите дадени од страна на законодавецот“, вели Чингоски.

Што се однесува до измените на Изборниот законик, особено во делот на изборот на совети и градоначалници, Чингоски вели дека доколку истите бидат доставени до Парламентот, ќе се намали можноста независни листи да можат да влезат во составот на Советот, особено ако има цензус од 3%.

“Ова би било од една страна лошо, затоа што голем број од независните листи не би можеле да стигнат до тој цензус, но од друга страна би овозможило семејни листи со по еден советник да влези во составот на советот и да може да уценува за лични интереси.

Чингости за Охрид 1 обелоденува дел од изборната програма, за која вели дека се темели исклучиво за потребите на граѓаните и тоа не на парцијални решенија, туку на системски решенија.

„Нашата советничка група за која се надевам дека ќе влезе во советот, ќе се залага за потребите на граѓаните. За нас не се приоритет комуналните проблеми, не дека не се битни, туку општината затоа постои за да ги решава проблемите на граѓаните. Ние во 21 век да зборуваме дека сме направиле пат до населено место, тоа не треба да се спомени, туку да се направи без помпезности. Да кажуваме дека водовод ќе донесиме до некое село е срамота, тоа треба да се направи веднаш, не треба да се размислува. Програмите кои ги носи советот на годишно ниво, треба да се реализираат веднаш, затоа што парите се од граѓаните“, вели Чингоски.

Тој вели дека урбаните заедници мора да бидат консултирани за сите проблеми, за урбанизација, за комуналната инфраструктура ….

„Неможе да има измена на генерален или детален план, без урбаната заедница. А кој ги викнал? Треба собир на граѓани да има. Кога собир на граѓани имало за донесување на некоја одлука? Да не зборуваме за референдум. Во нашата програма одиме на решавање на системски прашања. Советот треба да донесе планови, неможе ние парцијално да решаваме детални урбанистички планови. Неможеме да разговараме за развој на Охрид, а немаме програма за вработување. Единствени вработувања се во ЈП и Општина. Каде се економските инкубатори кои треба да ги субвенционираат од страна на општината. Да има еден план, да се стимулираат фирмите да вработуваат луѓе“, вели Чингоски.

Адвокатот го образложи и ставот на „Охрид пред се“ и за проблемот со УНЕСКО.

„Ние не можеме во име на зачувување на културното и природно наследство нашите луѓе да ги наведеме да се иселуваат од Охрид. Ако е светко и национално наследство, тогаш државата нека каже луѓе вие во стариот дел на Охрид, ние ќе ви плаќаме. Мора да има одржлив развој. И ние сакаме да бидеме под УНЕСКО, но зошто се држиме за сламка“, вели Чингоски.

Чингоски зборува за таксисите, за кои вели дека ништо не е направено, за тоа што немаме езерски линиски превоз, за градски линиски превоз, за урбанистичкото планирање.

„Треба да се решат финансиските проблеми на културно уметничките друштва, кои ја претставуваат нашата култура и традиција, како и проблемите на спортските клубови. Но најголем проблем е урбанистичкото планирање, кое мора да биде темелно“ вели Чингоски.

Разговорот со адвокатот Владо Чингоски кое е дел од „Охрид пред се“ во целот може да го проследите во продолжение.