АктуелноОхрид

Охридските дуќанџии и угостители бараат бараат Законот за недела неработен ден да не важи во Охрид

Воведувањето недела да биде неработен ден ги крена на нозе охридските дуќанџии. Тие бараат иземање на Охрид како туристички центар од законот кој на сила стапува од првиот викенд во новата година, бидејќи како што велат тоа ќе предизвика сериозни штети на локалната економија и туризмот.

„Сега на 2 јануари Охрид ќе биде преполн со туристи и ќе се соочи со еден од најголемите проблеми. Целата чаршија треба да биде затворена. Значи сите туристи кои ќе дојдат овде, наутро ќе нема ни паста за заби од каде да си купат, а не пак нешто друго…“, вели Маја Бакалова -здружение чаршиски еснаф.

„Ако нас не ни е дозволено да работиме, прво нешто што ќе направиме за да опстанеме е минимум на пола би ги намалиле вработените. Кој како технолошки вишок ќе оди, кој како социјален случај и тоа се е на товар на државата. Кај мене има вработени по 20 години…“, вели Соња Јосифовска- сопственичка на дуќан.

Трговците најавија дека овој викенд нема да ги затворат своите дуќани и за тоа ќе ги известат сите надлежни органи и инспекции.

Со мерката за недела-неработен ден засегнати се 150 дуќани со околу 1.000 вработени. Засега трговците добија поддршка од независниот советник Антонио Наумоски.