АктуелноОхрид

Паско Кузман за MKD.MK: До мојата 111-та година треба да го најдам гробот на Александар Македонски

До мојата 111 година треба да завршам уште неколку монографии за археологијата во Македонија, да го завршам мојот роман и, се разбира, да го откријам гробот на Александар Македонски, вели во интервјуто за МКД.мк и Республика Паско Кузман, познатиот македонски археолог.

Кузман во интервјуто за „МКД.мк вели од 24 часа во денот, спие шест часа, а другото време, пишува археологија и роман.

-Работам на монографијата за Самоиловата тврдина, која ја работиме веќе подолго време и сега треба да излезат некои нови резултати. Потоа за Плаошник, еден каталог на сите наоди и по трет пат ја привршувам книгата за подводната археологија на Охридско Езеро. Книгата се вика „Пенелопа и трите заливи“. Оваа книга еднаш беше завршена, па не се отпечати, немаше пари, поточно не ми ја печатеа, потоа вторпат ја проширив и сега третпат ја проширувам и наскоро треба да излезе од печат. Тоа се трите најголеми работи, археолошки книги на кои работам, моите три најголеми работи. До мојата 111-година се надевам дека вкупно ќе завршам 11 книги од археологија и книжевност, вели Кузман.

Во интервјуто за МКД.мк Кузман говори и откривањето на гробот на Александар Македонски.

-Откривањето на гробот на Александар Македонски е дел од тие мои проекти што треба да ги завршам до мојата 111 година. Ако гробот се открие кај нас, имајќи ги предвид сите овие апетити од соседите и од Европа, која ја смета Грција за јадрото на европската цивилизација и дека го немаме ние тоа право, тоа ќе предизвика навистина бурни реакции. Како може да немаме право ако го најдеме на наше тло, ем се викаме така, ем Македонија се вика оваа територија. Александар Македонски е универзална личност, светска. И ние имаме право, не дека потекнуваме од него, тоа е навистина смешно. Јас сум Словен, но културата е наше наследство, додава Кузман.