Хируршко одделение при ЈЗУ Општа болница Охрид – знаење, искуство и современ хируршки третман
Хируршкото одделение при ЈЗУ Општа болница Охрид обезбедува дијагностика, хируршки третман и постоперативна грижа за широк спектар заболувања од областа на општата, дигестивната, колоректалната, пластичната, лапароскопската и торакалната хирургија.
Зад секоја интервенција стои стручен и искусен тим, современ пристап во лекувањето и континуирана грижа за пациентот – од првиот амбулантски преглед, преку оперативниот третман, до постоперативното закрепнување.
Хирургијата во бројки – 2025 година
Во текот на 2025 година на Хируршкото одделение:
– 800 пациенти биле хоспитализирани;
– 542 пациенти биле оперирани во операциона сала
– Извршени се околу 6.700 амбулантски прегледи;
– Реализирани се околу 400 интервенции во мала сала.
Овие бројки се показател за значајниот обем на работа и улогата што Хируршкото одделение ја има во обезбедувањето хируршка здравствена заштита за населението од Охрид и регионот.
Капацитет и стручен тим:
– Одделението располага со 4 болнички соби и 2 апартмани, со вкупен капацитет од 14 болнички кревети, како и дневна болница со дополнителни 5 кревети.
– За пациентите се грижи тим составен од 8 доктори специјалисти, додека уште 3 доктори се на специјализација.
– Сестринскиот и помошниот персонал го сочинуваат 10 медицински сестри на одделението, 7 медицински сестри (инструментарки) во операционата сала, 5 болничари и 2 хигиеничарки.
Широк спектар на хируршки услуги
– Во рамките на општата хирургија се третираат сите видови хернии, кожни и поткожни тумори, повреди и рани на кожа и меки ткива, како и хронични рани, трофички и декубитални улкуси и дијабетично стапало.
– Во областа на пластичната хирургија се изведуваат реконструктивни и естетски процедури, меѓу кои абдоминопластика, дермолипектомија и хируршки третман на кожни и поткожни промени.
– Посебно место во работата на одделението има дигестивната и колоректалната хирургија. Се третираат итни состојби, воспалителни заболувања, гастроинтестинални крварења, како и бенигни и малигни тумори на дигестивниот тракт.
– Повеќе од 25 години традиција во колоректалната хирургија
– Хируршкото одделение е особено препознатливо по повеќе од 25-годишната традиција во колоректалната хирургија. Како една од првите специјализирани амбуланти од овој вид во земјата, обезбедува третман на колоректални тумори, анални фисури и фистули, хемороидална болест и перианални апсцеси.
– Значаен сегмент е и минимално инвазивната – лапароскопска хирургија, при што рутински се изведуваат лапароскопски холецистектомии и апендектомии.
– Во областа на торакалната хирургија се изведуваат радикални мастектомии, хируршки третман на трауми на градниот кош и поставување торакални дренажи при хемоторакс и пневмоторакс.
Пациентот во центарот на нашата работа
Зад бројките, операциите и медицинските процедури стојат луѓе. Затоа целта на нашиот тим не е само успешно изведена интервенција, туку безбеден пациент, квалитетна здравствена грижа и достоинствен однос во секоја фаза од лекувањето.
ЈЗУ Општа болница Охрид – знаење, искуство и посветеност во служба на здравјето.
Хируршко одделение при ЈЗУ Општа болница Охрид – знаење, искуство и современ хируршки третман
Редакцијаавгуст 10, 2026
posted on















