Осумдесетгодишен пензионер од Охрид останал без својата пензија, откако, според првичните информации, бил ограбен непосредно по подигнувањето на парите од банка.
Настанот се случил во филијалата на Шпаркасе Банка, која се наоѓа во близина на Општата болница во Охрид. Пензионерот ја подигнал својата месечна пензија, а веднаш по излегувањето од банката бил пресретнат од неколку лица кои му ги одзеле парите, по што се оддалечиле од местото.
Случајот е пријавен во полиција, која презема мерки за целосно расветлување на настанот и за пронаоѓање на сторителите.
Според информациите, просторот околу банката е покриен со видеонадзор, па се очекува снимките од безбедносните камери да помогнат во идентификацијата на лицата инволвирани во овој случај. Од полицијата се очекуваат повеќе официјални информации по завршувањето на првичната истрага.
Граѓаните, особено повозрасните лица кои подигнуваат пензии или поголеми суми пари, се повикуваат на зголемена внимателност и, доколку забележат сомнителни лица, веднаш да ги известат надлежните служби.














