Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на почетокот на реконструкцијата на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“, истакнувајќи дека станува збор за историски настан за градот, крајбрежјето и соседните општини.
-Ми претставува особено задоволство што можам да присуствувам на еден историски настан и за Охрид и за охридското крајбрежје и за останатите општини кои што тука гравитираат. Со оваа реконструкција на аеродромот се зголемува самиот капацитет и квалитет, и се надевам дека ќе биде завршено во предвидениот рок, рече Мицкоски.
Премиерот исто така истакна дека за првите два месеци од годинава, скопскиот аеродром има зголемување на патници од 30%, а охридскиот околу 20%. Според очекувањата на директорот на ТАВ Македонија, оваа година ќе се забележи двоцифрен раст на двата аеродрома.
-Разговараме и преговараме со голем број на тур-оператори кои ќе организирано носат туристи на охридското крајбрежје. Со еден веќе сме во завршна фаза на преговори и се надеваме дека наскоро ќе потпишеме договор, додаде Мицкоски.











