Наш изборНаш ИзборОхрид

(ВИДЕО) Струга добива здравa и безбедна вода: Владата започна масовна замена на азбестните цевки

Со средства обезбедени од Владата на Република Северна Македонија, во тек е целосна реконструкција на водоводната мрежа во Струга, со што се заменуваат старите азбест-цементни цевки кои со децении го снабдуваа градот со вода за пиење.
Во моментов градежни активности се одвиваат на кејот на реката Црн Дрим, каде веќе е започната замената со нови, современи пластични цевки. Работите ќе продолжат во повеќе делови од градот и низ целото подрачје на општината.
Според официјалните информации, во првата фаза се инвестираат околу 90 милиони денари (приближно 1,5 милиони евра), а проектот опфаќа реконструкција на повеќе километри од дотраената мрежа. Рокот за реализација на оваа фаза е околу една година.
Со овој инфраструктурен зафат практично паѓаат во вода критиките дека средствата од кредитот земен од Унгарија се користат за непродуктивни цели. Инвестицијата директно се однесува на здравјето на граѓаните и обезбедување квалитетна и безбедна вода за пиење — приоритет кој, како што велат надлежните, мора да биде на прво место.
Зошто азбестот е проблематичен?
Азбестот е материјал што масовно се користел во минатото поради неговата издржливост и отпорност. Азбест-цементните цевки биле стандарден избор во многу градови во регионот во текот на 20 век.
Меѓутоа, денес азбестот е препознаен како потенцијално опасен материјал. Светските здравствени институции предупредуваат дека изложеноста на азбестни влакна, особено при нивно оштетување или распаѓање, може да претставува сериозен ризик по здравјето. Поради тоа, неговата употреба е забранета или строго ограничена во голем број земји.
Иако кај водоводните системи ризикот најчесто е поврзан со стареење и механичко оштетување на цевките, современите стандарди за јавно здравје препорачуваат нивна целосна замена со побезбедни материјали.
Со новите пластични цевки, кои се отпорни, долготрајни и здравствено безбедни, стружани по децении ќе добијат сигурен систем за водоснабдување и вода што ги исполнува современите стандарди за квалитет.