Интензивните поројни дождови кои во последните часови го зафатија регионот предизвикаа голем одрон на камења и земја на магистралниот пат Охрид – Ресен, со што сообраќајот целосно е блокиран. Според првичните информации, масивна одронета карпа се излизгала на коловозот , правејќи ја трасата непроодна и опасна за движење.
На терен се екипи на ЈП за државни патишта и полицијата, кои работат на расчистување на одронот и обезбедување на подрачјето. Надлежните апелираат возачите да ги избегнуваат оваа делница и да користат алтернативни правци додека трае интервенцијата.

Според службите, подвижните слоеви на земја активирани од врнежите се причина за излизгувањето на камењата, а опасноста од нови одрони и понатаму останува висока поради нестабилното време.
Надлежните најавуваат дека сообраќајот ќе биде нормализиран веднаш штом коловозот целосно се исчисти и ќе се направи безбедносна проценка за повторно пуштање на сообраќај. Возачите се предупредуваат на зголемено внимание во целиот регион, каде врнежите и натаму предизвикуваат локални поплави, лизгање на земјиште и други проблеми на патиштата.












