АктуелноОхрид

Симулациска показна вежба на извлекување на повредени во сообраќајна несреќа

Во рамки на своите јавни овластувања за едукации и ширење на знаењата за правилно укажување на прва помош на повредени во најразлични ситуации, Црвен крст Охрид во партнерство со Одделот за превенција при Секторот за внатрешни работи, утре, 17.04.2025 г. (четврток) во 12 ч., на паркингот пред плоштад „Чинар“ ќе изведе симулациска показна вежба на извлекување и укажување на прва помош на повредени во сообраќајна несреќа во која учествуваат патничко моторно возило и мотор.

Службениците од Одделот за превенција при СВР Охрид, заедно со волонтерите на Црвен крст Охрид ќе делат едукативен материјал за важноста од почитување на сообраќајните прописи со особен акцент на правилно врзување на сигурносен појас во возилото и правилно носење кацига при управување мотор.

Заинтересираните присутни по завршување на вежбата ќе имаат можност со поддршка на парамедиците на Црвен крст Охрид да пробаат дел од техниките и постапките за правилно укажување прва помош и правилно вадење на кацига од повредено лице.