Наш ИзборНаш изборОхрид

Патријаршиско Послание за Рождеството Христово (2025)

+ В А Р Т О Л О М Е Ј

ПО МИЛОСТА БОЖЈА, АРХИЕПИСКОП НА КОНСТАНТИНОПОЛ – НОВ РИМ
И ВСЕЛЕНСКИ ПАТРИЈАРХ,
ДО СЕТА ПОЛНОТА НА ЦРКВАТА,
БЛАГОДАТ, МИЛОСТ И МИР
ОТКАЈ РОДЕНИОТ ВО ВИТЛЕЕМ СПАСИТЕЛ ХРИСТОС

Најчесни браќа Јерарси и благословени чеда во Господа,

Со благоволение одозгора и оваа година стигнавме до сепразничниот ден на Рождеството по плот на Божјото Слово, Кое дојде на Земјата и поживеа меѓу нас „поради неизречивото човекољубие“. Со псалми и химни и во неискажлива радост го чествуваме големото таинство на Воплотувањето, „најновото од сè ново, единственото ново под Сонцето“[1], преку кое за човекот се разотвора патот на обожението според благодат и се обновува целокупната твар. Божик не е доживување на емоции, кои „брзо доаѓаат и уште поскоро минуваат“. Тоа е егзистенцијално учество во севкупниот настан на Божјиот Домострој. Како што сведочи Евангелистот Матеј[2], власта на светот уште од почетокот сакаше да Го уништи Божественото Младенче. За верните, заедно со „Христос се раѓа“ на празникот на Воплотувањето на Синот и Словото на Бога Отецот, како и со тажните ѕвона на Страданијата, секогаш одекнува и „Христос воскресе“, благовесната порака за победата над смртта и за очекувањето на општото воскресение.

„Слава на Бога во висините и на Земјата мир“ повторно се слуша во еден свет исполнет со насилства, социјална неправда и поткопување на човековото достоинство. Изненадувачкиот напредок на науката и технологијата не допира до длабочината на човековата душа, бидејќи човекот е секогаш повеќе од она што науката може да го разбере и од она кон што тежнее технолошкиот напредок. Не може научно да се премости јазот меѓу Небото и Земјата во битието на човекот.

Денес одекнува збор за „пост-човекот“ и се восфалува вештачката интелигенција. Се разбира, сонот за „над-човекот“ не е нешто новопојавено. Идејата за „пост-човекот“ се крепи на технолошкиот напредок и на неговото опремување со досега невидени средства во човечкото искуство и историја, преку кои тој би можел да ги надмине досегашните човекови ограничувања. Црквата не е технофобична. Таа го гледа научното знаење како „Божји дар за човекот“, без, сепак, да ги занемари или прикрие опасностите од научниот триумфализам. Во Окружното послание на Светиот и Великиот Собор на Православната Црква (Крит, 2016), се нагласува придонесот на Христијанството и на „здравиот развој на надворешната цивилизација“, бидејќи Бог „го постави човекот за управител на божественото создание и за Свој соработник во светот“. Во продолжение, со силен акцент се истакнува: „Православната Црква, спроти современиот ‘човеко-бог’, Го истакнува ‘Богочовекот’ како крајна мерка за сè: ‘Не зборуваме за човек кој станал бог, туку за Бог Кој стана човек’ (Јован Дамаскин, Точно изложение на православната вера, III, 2 PG 94, 988)“[3].

Одговорот на клучното прашање, како до крајниот „осми ден“, со титанизмот и прометеизмот на технолошката цивилизација, со нејзините трансформации и превирања, во услови на антропотеистички трансхуманизми или супер-хуманизми, ќе се зачува „цивилизацијата на личноста“, почитта кон нејзината светост и истакнувањето на нејзината убавина, беше даден еднаш засекогаш во таинството на Богочовештвото. Словото Божјо стана плот, „вистината дојде“ и „сенката замина“. Засекогаш, вистинувањето за човекот ќе биде поврзано со неговата врска со Бога, како одговор на Божјото слегување кон него и како очекување и пресретнување на доаѓањето на Господ на славата. Оваа жива вера го поддржува човековиот напор да одговори на противречностите и предизвиците на својот земен живот, на „животот со леб“[4], на опстанокот, како и на социјалниот и културниот развој. Сепак, ништо во нашиот живот не успева без упатување кон Бога, со хоризонтот на „целосноста на животот, целосноста на радоста и целосноста на спознанието“ на Неговото Царство[5].

Божик е можност да го осознаеме таинството на Божјата слобода и големото чудо на човековата слобода. Христос тропа на вратата на човечкото срце, но само човекот, кој е почестен со слобода, може да ја отвори. „Сигурно, без Него, без Христос,“ пишува блаженоупокоениот отец Георгиј Флоровски, „човекот не може да направи ништо. Но, сепак, постои нешто што само човекот може да го направи – да одговори на Божјиот повик и да Го ‘прифати’ Христос“[6].

Преку „Да“ на повикот одозгора, Христос се открива како „вистинската светлина“[7], како „патот, вистината и животот“[8], како одговор на конечните прашања и потрагите на умот, на желбите на срцето и на надежите на човекот, но и на прашањето за потеклото и смислата на созданието. Ние Му припаѓаме на Христос, и во Него сè е обединето. Христос е „Алфа и Омега, Првиот и Последниот, Почетокот и Крајот“[9]. Со Своето доброволно воплотување „за нас, луѓето, и за нашето спасение,“ Божјото Слово „не се всели само во еден човек, туку ја прими човечката природа во Својата ипостас“[10], поставувајќи ја на тој начин заедничката вечна одредница и единството на човештвото. Он не ослободува само еден народ, туку целиот род човечки; не само што спасоносно ја пресекува историјата, туку ја обновува и целата твар. Заедно со историјата, на сила е и за целокупната творба трајната и одлучна поделба на „пред Христа“ и „по Христа.“ Во целокупното свое движение во светот, низ историјата и преку неа кон Есхатонот – кон бескрајниот ден на небесното Царство на Отецот, Синот и Светиот Дух – Црквата, која „не е од овој свет“, сведочи за Вистината, исполнувајќи го своето осветувачко и духовно дело „за животот на светот“.

Браќа и чеда во Господа,

Преклонувајќи ги благочесномислено колената пред Богомајката која Го држи Божественото Младенче и во смирение поклонувајќи Му се на Оној Кој ја прими нашата природа, „Словото Кое беше во почетокот“, ви посакуваме на сите вас да имате благословено Свето Дванаесетдневие, и да ви биде успешна, здрава, мирна, изобилна со добри дела, исполнета со духовна радост и божествени дарови новата година на Господовата добрина, во текот на која целиот христијански свет заеднички ја слави и чествува 1700-годишнината од Првиот Вселенски Собор во Никеја.

Рождество Христово, 2024

† Константинополскиот

огнен молитвеник пред Бога за сите вас