Наизглед и од далеку малку може да се забележи што се одвива на најголемото градилиште во земјава. Над илјада и петстотини вработени секојдневно и во зимски услови се на терен. Работат засилено на пробивање на делницата од автопатот од Гостивар до кичевското село Букојчане, која е дел од Коридорот 8, а на која работи конзорциумот „Бехтел и Енка“.
МИА помина еден ден на градилиштето каде можеше одблизу да види како се одвиваат градежните работи. Со помош на одговорните се запознавме со динамиката на работите и го посетивме таканаречениот „седми километар“ од трасата.
Три мостови на првите километри од автопатот
Нашата теренска експедиција започна од кампот на компанијата којшто се наоѓа непосредно до автопатот Тетово-Гостивар. На самиот влез на пријавницата ги поминавме процедурите за регистрација. Љубезно нé замолија да почекаме во една од бараките каде требаше да ја поминеме безбедносната обука. Таа е задолжителна како за вработените, така и за посетиелите. По дваесетминутната презентација за мерките за заштита и насоките за движење низ градилиштето, со заштитни шлемови, очила и елеци стигнавме до мостот над Вардар каде се градат бетонски столбови кои ќе го носат еден од поголемите мостови.
Со нас во комбето беа и нашите домаќини Зарче Чочороски, теренски инженер и одговорната за односи со јавност Даниела Милошевска. Токму тука на градилиштето каде што се издигаат бетонски столбови ќе има мост кој води до ридот на селото Горна Бањица. На оваа локација неодамна беше и владина делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски кој тогаш најави дека работите на оваа делница ќе се интензивираат. Ни се придружи и надзорникот на теренските работи Џозеф Чуа. Овој 35-годишен канаѓанец од Ванкувер ни објасни дека во моментот се градат два моста, еден на петтиот и на седмиот километар. За кратко време се очекува да почне да се работи и на мостот на осмиот километар чија висина треба да достигне 40 метри. Заинтересирани бевме како се одвиваат работите и каков е напредокот. Тој прецизно, инженерски ја опиша работата, бидејќи, како што напомна, работат на однапред определни траси или делници.
Тоа е мошне широко прашање, бидејќи тешко се доаѓа до збирните проценти. Во суштина, сега сме на делница 2, проектот има четири делници. Делница 1 и делница 2 се поврзуваат тука, сега сме на делница 2, делница 4 е на различен дел, Прилеп-Битола. Во моментов сме на 7-от километар од делница 2 и сега се одвива работата на мост бр. 7 зад мене. Во однос на активностите, се вршат земјени работи, се ископува материјал за градење на пониските делници, зад мене се вршат бетонски работи на кои ќе се кренат мостовите, а се изведуваат и заштитни работи за свлечиштата, бидејќи се отсекуваат делови од планините, бидејќи како што реков, автопатите значат исполнување на подолните зони, но кај планинските зони имаме изградба на мостови, бидејќи не може само да се пополнуваат, појаснува Чуа
Првата фаза од изградбата е најтешка
Додека патуваме до следната точка, Зарче Чочоровски нé запознава со некои карактеристики на ова градилиште. Тој ни појасни дека во моментов е ангажирана тешка и моќна механизација. Со педесетина повеќетонски камиони, ископаниот материјал од планината се пренесува на други места каде е потребно да се подигне нивото и да се порамни теренот. Овој градежник со тридецениско искуство вели дека ова е огромен зафат и предизвик за инженерите. На ова градилиште има една особена постројка, која како што вели овозможува непрекинат тек на работите и во зимски услови.
На ридот близу Горна Бањица има „бетоњерка“ со топла вода и подготвува бетон за мостовите. На тој начин може да се врши зимско бетонирање и кога надворешната температура е под нулата и водата замрзнува. Тоа ни помага да работиме во услови кога на други градилишта работата стои, вели Чочоровски.
Тој како и Чуа посочуваат дека најголемиот дел од работите засега не е „видлив“, иако се работи интензивно. Последната фаза ќе биде асфалтирањето.