Денес Црквата Божја, која Спасителот Христос со Својот крстовоскресен живот ја подигна и утврди, го слави својот најблагословен плод – Преблагословената Дева Богородица. Денес нејзините свети родители, Јоаким и Ана, ја принесуваат Неа, својата Пречиста рожба, во Светињата на Светињите. Зачекорува Таа кон Храмот, а преку Неа целото човештво зачекорува кон Бога.
Воведената во земната Скинија, преку раѓањето Свое, избрана беше да стане Небесна Скинија. Пречистиот Храм на Спасителот влегува во земниот храм, за преку Неа целото човештво да стане сместувалиште на Бога. Денес се исполнува предвечната тајна: Словото Божјо, преку Мајката Своја, му ја подава раката на човештвото. Бог ја избира најдобродетелната меѓу сите девојки, за во Неа да се всели и преку Неа да го исцели Своето создание. Воспитаничката на старозаветниот храм станува воспитателка на новозаветниот богоизбран народ.
Милостивиот наш Бог, Кој посака да ја спаси човечката природа и со Себе да ја соедини, благоизволи да слезе во Нејзината пречиста и пренепорочна утроба, помирувајќи го небесното со земното, за сѐ што е од Него создадено да биде пресоздадено и спасено.
Затоа срцата на Христијанскиот род со посебна радост и благодарност ја воспеваат Пречистата Дева Марија, преку Која се извршија овие надумни таинства за нашето спасение. Секој нејзин спомен се слави со особена умилност, зашто Таа стана слава и венец на човештвото. Нејзините храмови се места на духовно тихување и прибежиште за народот Божји, кој кон нив брза за мајчинска утеха и молитвена сила.
Ете, и ова лето Господово, на умилителното сеноќно бдение, кое беше предводено од саканиот наш Старец и епископ Антаниски, г. Партениј, во кичевскиот манастир посветен на Неа, многуброен верен народ, заедно со браќата и сестрите монаси, ја прослави Причинителката на радоста и Застапничката на човечкиот род.
Со овој дух на благодарност и радост, прозвучија во храмот на Пречистата зборовите на нашиот Старец, епископот Антаниски г. Партениј, кој нè упати во длабочините на таинството на овој радосен празник.
Бигорски манастир