Лицата со посебни потреби, нивните семејства и сите кои неуморно работат за нивна поддршка и вклученост, ја заслужуваат нашата постојана поддршка и внимание, секој ден. Водени од нашите инклузивни определби, Општина Охрид и јас како градоначалник континуирано и посветено работиме на создавање на локална самоуправа во која секој има еднаква шанса да ги оствари своите права.
Преку бројни активности, проекти и соработка со граѓанскиот сектор и институциите, нашата цел е различностите да бидат прифатени како богатство, а правото на достоинствен живот да биде загарантирано за сите.
По повод Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби-3-ти декември би сакал да потсетам дека во текот на изминатиот период реализиравме низа проекти и активности во насока на подобрување на условите за лицата со посебни потреби во Охрид:
-Пред неколку дена заврши рокот за аплицирање на Јавниот повик за финансирање проектни идеи од областа на социјалната заштита. Претходната година во рамки на овој повик, беа обезбедени средства за поддршка на дневните центри за лица со интелектуална попреченост ,,Зраци’’ и ,,Св Ѓорѓија”. Исто така, беше обезбедена поддршка на инклузивната игротека ,,Радост’’, која започна со работа во 2022 година и која се надевам дека наскоро ќе премине во Центар за лица со попречености на територијата на Општина Охрид. Ова е проект на кој работиме заедно со Министерството за социјална политика, демографија и млади.
-Преку буџетот на Општина Охрид, беше обезбедена е Финансиска поддршка за Центарот кој згрижува и третира деца со атипичен развој.
-Во рамки на проектот ,,Од граѓаните за заедницата од заедницата за граѓаните”- Отворени можности за еднакво образование за сите деца, во соработка со УНДП ангажирани се образовни асистенти во средните училишта кои работат со ученици со потешкотии во развојот.
-За прв пат воведовме и веќе три години доделуваме стипендии за ученици, студенти, магистранти и докторанти со ретки болести и посебни потреби. Охрид е првата општина во Македонија која реализираше ваков проект.
-Доделуваме еднократна парична помош на семејства со дете со тешка попреченост во училишна возраст кое не е примател на стипендија или друга помош од општина Охрид како.
И во текот на наредниот период продолжиме континуирано и посветено да работиме во насока на негување на солидарноста, да ги рушиме бариерите и да создаваме услови за еднакви можности за сите наши сограѓани, пишува во својата објава градоначалникот Пецаков.