четврток, ноември 28, 2024
АктуелноОхрид

Од денес почнуваат Божиќните пости, траат 40 дена до Божиќ

Постот е востановен од Бога со заповедта дадена на првите луѓе во земниот рај – да не јадат од дрвото за познавање на доброто и злото (1.Мој. 2,17). Преку неа Бог сакал уште на самиот почеток да ги научи луѓето на послушност и воздржување.“ Постот е оружје во духовната борба против поднебесните сили” (лукавиот и неговите црни ангели) (Матеј 17, 21; Ефес. 6,12), неопходно средство за стремеж на човекот кон духовно совршенство, надежна сила за давање отпор во духовната немоќ и благодатна ризница за постигнување на крајната и врвна цел на христијанскиот живот – светост и спасение во
Господа.
Во Стариот Завет имаме многу примери за пост: светиот пророк Мојсеј Боговидец постел 40 дена и 40 ноќи (2. Мој. 34, 28) за да се подготви да ги прими Десетте Божји заповеди; светиот пророк Илија со строг пост, духовна чистота и голема ревност за Господа се удостои да ја види Божјата слава (3. Цар. 16, 4-13), а, пак, светиот Јован Крстител е познат како најголем и најстрог испосник. Воопшто, сите праведници постот го запазувале во помала или поголема мерка. Самиот Господ Исус Христос се подготвил за сеопшто служење и за искупителниот подвиг преку 40-дневен пост (Матеј 4, 2). Во проповедта на планината Он ги учел своите последователи каков треба да биде вистинскиот пост: “Кога постите, не бидете жалосни како лицемерите; зашто тие си ги прават лицата мрачни, за да се покажат пред луѓето дека постат.Вистина ви велам, оти тие ја добиле веќе својата награда. А ти, кога постиш, помажи ја главата своја и измиј го лицето свое, па да се покажеш дека постиш не пред луѓето, туку пред твојот Отец, Кој е во тајност; и твојот Отец, Кој гледа тајно, ќе те награди јавно” (Матеј 6,16-18).
Оние кои поверувале во Христа започнале да постат уште во времето на апостолите. Првите христијани постеле строго, често и продолжително, за да се подготват подобро за богоугодни подвизи.
Суштината на христијанскиот пост не е умртвување на телото, како што погрешно се мисли, туку умртвување на гревот во нас, зашто гревот предизвикува пропаѓање и смрт. Закрепнувајќи ја волјата, постот му дава можност на духот да владее со телото.
Кога христијанинот пости треба да се откаже од секакви светски веселби и задоволства, од посетување на места каде што е возможно да згреши со помисла, збор или со поглед. Воопшто, треба да се стремиме, колку е можно повеќе, поголем дел од мислите да Му ги посветиме на Бога и на тајната умносрдечна молитва.
Православната Црква утврила и пропишала за време на постот да не се јаде: месо, маст, сирење, масло, јајца, млеко, а понекогаш и риба, според важноста на постот.
Тоа што го одредила Црквата е царски и духовен пат кој води во вечен живот. Оние кои сакаат да постат нека внимаваат да не се натоварат со поголемо бреме од она што Црквата го наредила, оти, ако паднат, нема кој да ги поткрене. Оние кои никако не постат, нека почнат да постат, ако мислат да се спасат и душата да им влезе во Царството небесно. Но, тие не можат веднаш да го земат целото правило, туку најнапред нека постат во среда и петок во првата и последната недела од постот, а потоа, со текот на времето, ќе се трудат, а Господ ќе им помогне да го примат целосното правило, па така понекое време и тие ќе постат уредно.
Во тој духовен напор лошите духови ќе станат силни и ќе те советуваат во разумот или преку ближните, сакајќи да ти наштетат, велејќи ти: “Сакаш да ослабиш, не можеш да издржиш, болен ти е стомакот, лекарот ти препорача добра храна”, а се со цел да ти ја убијат желбата. Но, ти, малку по малку, со молитва ќе го отстраниш лошиот дух и постот ќе ти стане лесен. Освен тоа, почетникот, најнапред, може да остави во посните дни да не јаде месо и маст, а да јаде сирење и јајца, па со текот на времето ќе мине на целосен пост.
Божиќниот пост кој сега следи е востановен од Светата православна црква во чест и спомен на раѓањето на Господа Исуса Христа и се пости вака: во понеделник, среда и петок не се јаде масло и вино; во четврток и вторник се дозволува масло и вино, а во сабота и недела масло и риба.
Ако падне празник во понеделник, вторник и четврток, се дозволува масло и риба. Ако падне празник на помал светител во среда и петок се дозволува масло и вино. Ако е голем празник во среда и петок се допушта, поќрај масло, и риба. Ако падне ден на црковна слава во среда и петок, се дозволува масло и риба.
Според светштените канони на Православната црква од постот се ослободени: секоја жена во блажена состојба, болните и немоќните луѓе. („Од постот исклучи ги најнапред болните, оти ако им се допушта риба и масло, го заслужиле тоа…На жена која ќе роди пред Пасха (Велигден), треба да и се допушти масло и вино… “Ако некој болен сосема падне во немоќ, а се приближува денот на Воскресението, треба да му се допушти на болниот да употребува масло и вино колку што може да поднесе, оти кој сосема изнемоштел, правилно е да употребува масло…
Сакани браќа и сестри, да не мисли дека може самоволно да се разрешува од пост по своја волја, како што има многу случаи кај свештениците и монасите, сами да се разрешуваат од постот, па и мирјаните ги наговараат со зборовите: “Јади кога јас сум разрешил” или, пак, мирјаните сами без причина да се разрешуваат од пост. Затоа треба да се види 218-тото правило од Номоканонот, каде што свети Атанасиј Велики говори: “Тој што самоволно се разрешува од пост во среда и петок, Го распнува Господа Исуса Христа исто како Јудеите, оти во среда се состанаа да Го убијат, а во петок Го распнаа”. Затоа, ако некој се разреши од пост без причина, тоа не е разрешување, туку распнување на Господа. Разрешување е само она што Црквата го разрешила и кое го советуваат светите Отци. Чувајте се од самоволно разрешување на постот и не слушајте ги оние што ве учат да не постите.
Ви посакувам лесен и непорочен Божиќен пост!!!