АктуелноНаш изборНаш ИзборОхрид

Денес се празнуваат Преподобните маченици Галактион и Епистима

Родени се во финикискиот град Едеса, обајцата од родители незнабошци. Мајка му на Галактион беше бездетна сè додека не се крсти. Потоа, таа го приведе кон верата и нејзиниот маж и го крсти и воспита како христијанин својот син Галактион. Кога стаса за женидба, неговата добра мајка Левкипија се упокои, а татко му го сврши за некоја девица Епистима. Галактион никако не сакаше да стапи во брак, па ја посоветува Епистима да се крсти, а потоа и истовремено со него да се замонаши. Се повлекоа на гората Пуплион, Галактион во машки, а Епистима во женски манастир. И секој од овие двајцата во својот манастир се покажа како вистинско светило. Први во подвигот, први во молитвата, во смирението и послушанието, први во љубовта. Од манастирот не излегуваа ниту се видоа еден со друг освен пред смртта. Настана луто гонење на христијаните и тие обајцата беа изведени на суд. Кога Галактион го биеја, Епистима плачеше. Тогаш и нејзе ја избија. Потоа, им ги отсекоа рацете, па нозете, а најпосле и главите. Нивните тела ги зеде Евтолиј и чесно ги закопа. Овој Евтолиј беше најнапред роб кај родителите на Епистима, а потоа монах заедно со Галактион. Тој го напиша житието на овие прекрасни Христови маченици, коишто пострадаа и примија небесни венци во 253 година.

denovi.mk