Наш ИзборНаш изборОхрид

Братството од Бигорскиот манастир збогатено со уште еден магистер по теолошки науки

Со посебна радост и благодарност кон Бога, информираме дека уште еден наш собрат, јеромонахот Григориј, по благословот на нашиот сакан Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, успешно ги заврши магистерските студии на Богословскиот факултет при Аристотеловиот Универзитет во Солун. Во петокот, на 1 ноември 2024 година, во свечената сала на Универзитетот, отец Григориј ја доби својата диплома за завршени магистерски студии, при церемонијата на заклетва на новите дипломирани студенти.

Во рамките на Програмата за постдипломски студии на отсекот за Општествена теологија и христијанска култура и во насоката Историја, догма, филозофија и археологија, јеромонахот Григориј со успех ја одбрани својата магистерска тема: „Падот на човекот според Големиот покаен канон на Свети Андреј Критски“. Неговиот труд, под менторство на професорот-протопрезвитер Христо Филиотис-Влахавас, и набљудуван од тројца високоценети професори, меѓу кои проф. д-р Симеон Пасхалидис и проф. д-р Теодор Питарас, го истражува богословското толкување на падот на човекот и неговото значење во православната духовност.

На свеченоста присуствуваа многу професори и студенти, а со свои обраќања пред присутните се истакна деканот на Богословскиот факултет, протопрезвитерот Атанасиј Гикас, како и други истакнати претставници на академската заедница. Нашето братство, предводено од владиката г. Партениј, со голема љубов и благодарност го поздравува овој успех на братот Григориј и му посакува уште многу плодни години во службата на Црквата и на Обителта.

 

Бигорски манастир