понеделник, ноември 25, 2024
Наш изборНаш ИзборОхрид

Трибина во Дебар за важноста на семејството: меѓурелигиски дијалог

Со посебна чест ве информираме дека на 9 ноември 2024 л. Г. во Центарот за култура во Дебар, со почеток во 18 часот, ќе се одржи трибина под наслов „Семејството: стожер на љубовта и општествениот развој“ – прва од ваков вид.

Во дискусијата, со благослов на Игуменот на Свештената Бигорска Обител, Епископот Антаниски г. Партениј, учество ќе земат двајца претставници од нашата монашка заедница, и тоа архимандритот Кирил и монахињата Ефимија, кои заедно со почитуваните г-ѓа Сумеа Рамадани и г. Орхан Зенго, ќе го дадат својот придонес кон дебатите на оваа значајна современа тема.

Ве покануваме сите заинтересирани да присуствувате на овој настан, кој за прв пат на исто место и во исто време ќе ги собере претставниците и гостите од двете верски заедници, имено православната и исламската, со цел да се чујат нивните позиции за важноста од поддршката на традиционалното семејство во современ контекст.

Трибината е прва од серијата настани, кои ќе се реализираат од страна на Здружението за заштита и негување на културните вредности „Рајчица“, во соработка со општина Дебар, во рамки на проектот за поддршка на соживотот во регионот.

 

Бигорски манастир