АктуелноОхрид

Од денес почнуваат Богородичните пости, верувања за празникот Макавеи

Од денес почнуваат Богородичните пости кои траат до 28 август кога се празнува Голема Богородица.

За православните христијански верници од денеска почнува двонеделниот Богородичен пост, кој е посветен на Успението на Пресвета Богородица.

Овој пост е востановен во молитвено сеќавање на Пресвета Богородица, а со цел во периодот на неговото времетраење уште поинтензивно да се изискува молитвеното застапништво од Пресветата Богомајка.

По својата временска должина тоа е најкраткиот од четирите годишни пости и трае 15 дена, односно секоја година започнува на денот на прославувањето на светите седум макавејци (1/14 август), а завршува на благденот Успение на Пресвета Богородица (15/28 август).

Во народот празникот Макавеи се држи како тежок празник, но некаде се смета дека овие празнични денови се шест, а некаде дванаесет. Во цела Македонија според тоа какво ќе биде времето во овие денови се прогнозира времето во следните шест месеци (зимскиот период) или во текот на целата година.

Според записот на Е. Спространов во Охрид првите 12 дена од август се викале Макавеи и тогаш жените не переле и не работеле тешки работи. И овде според Макавеите се прогнозирало времето во текот на годината со тоа што на еден ден одговарал еден месец. Ако времето било убаво цел ден значело дека целиот месец ќе биде убав, ако пак било променливо значело дека во текот на месецот ќе биде и убаво и лошо.

Вакви верувања за 12 денови Макавеи запишал и Кузман Шапкарев кој уште пишува дека не само што во ова време жените не работеле туку и не ги бањале децата.

Верувања поврзани со Макавеите запишал и Марко Цепенков. Тој сведочи дека во првите три дена од август (по стариот календар) не чинело ниту да се пере, ниту да се бања, значи воопшто да не се фаќа вода освен за пиење. Ако се перело во тие денови алиштата ќе се искинеле.

Денот на празнувањето на Успението на Пресвета Богородица, 28 август, е неработен за граѓаните од православна исповед во земјава.