АктуелноОхрид

Николоски: Kако ќе правиме, ќе правиме, до крај на 2026 година автопатот Охрид – Кичево ќе биде завршен

Kако ќе правиме ќе правиме ветувањето што го дадовме дека до крај на 2026 ќе има функционален автопат Кичево Охрид ќе го реализираме, истиот ќе биде завршен, изјави денеска министерот за транспорт Александар Николоски, при посетата на Градежниот факултет во Скопје.

Потенцира дека има бројни проблеми во однос на изградбата на делницата, на која се работи веќе цела деценија, што моментално се детектираат.

– Дел од проблемите се поврзани со експропријација, дел со проектирање на косини, дел со објекти на самата траса, пред сѐ бензиски пумпи што треба да се дислоцираат, рече Николоски.

Деканот на Градежниот факултет, Горан Марковски, потенцира дека проектирањето на вакви сериозни инфраструктурни проекти, особено нфраструктурни проекти заслужува многу поголемо внимание и подолг период на проектирање.

– Има многу елементи што се специфични, но генерално проектирањето исто така е многу важна фаза во целокупната изградба на вакви капитални инвестиции.Проектот има долга историја, работен е во едно друго време, почнат е да се проктира во 1999 година со некои други сфаќања и правила во решавање на одредени технички проблеми.Кога денес би се проектирал овој автопат сигурно би се пристапило поинаку и би се нашле поинакви решенија за одредени проблеми кои сега се јавуваат, додаде деканот Марковски.

Делницата од 57 километри се гради веќе 10 години, со две влади, а и понатаму останува една од топ-темите на жителите на овој дел на државата. Низ годините лошите услови за возење на патот предизвикаа неброени сообраќајни незгоди во кои загинаа многу луѓе.