АктуелноНаш ИзборНаш изборОхрид

Иванден- Раѓањето на Свети Јован Претеча и Крстител Господов

Шест месеци пред своето јавување на Пресветата Дева Марија во Назарет, великиот Архангел Божји Гавриил му се јави на првосвештеникот Захарија во јерусалимскиот храм.

Пред да го објави чудесното зачнување на безмажната девица, Архангелот го објави чудесното зачнување на една бездетна старица. Захарија не поверува веднаш во зборовите на Божјиот известител и затоа јазикот му се врза со немост, па остана нем сè до осмиот ден по раѓањето на Јован.

Тој ден се собраа роднините на Захарија и Елисавета за обрезание на младенецот за да му биде дадено име. Па кога го прашаа таткото кое име би сакал да му го даде на синот, тој бидејќи нем напиша на табличка: „Јован“. Јазикот му се одврза во тој час и тој почна да говори.

Домот Захариев беше на височината меѓу Витлеем и Хеврон. Гласот дека на Захарија му се јавил Ангел Божји, дека онемел, а потоа му се одврзал јазикот штом го напишал името Јован, се разнесе по сиот Израил. Овој глас дојде и до Ирод.

Затоа Ирод, кога испрати да се заколат децата во Витлеем, прати луѓе и во ридското престојувалиште на Захариевото семејство, за да го убијат и Јован. Но, Елисавета благовремено го сокри детето. Разјарен од ова, царот Ирод испрати џелати кај Захарија во храмот (зашто се погоди тој повторно беше чреден за служење во ерусалимскиот храм) да го убијат.

Захарија беше убиен меѓу притворот и храмот, а неговата крв се засири и се скамени на плочите и остана како неизбришливо сведоштво против Ирод. Елисавета со детето се скри во една пештера, во којашто набрзо таа умре. Младенецот Јован остана сам во пустината, препуштен на грижа на Бога и Неговите Ангели.

 

denovi.mk