петок, ноември 15, 2024
Наш ИзборНаш изборОхрид

(Видео) Успешно завршена работната акција за отворање пат и очистување на Манастирот на Свети Архангел Гавриил – Манастирец, Долни Дримкол

Со благодарност кон Бога Дародавецот и со пофалба во нашите усни за Неговото пресвето име, ви ја споделуваме радосната вест дека најавената работна акција во бигорскиот метох, Манастирот посветен на Соборот на Светиот Архангел Гавриил – Манастирец, во Долни Дримкол, беше успешно спроведена и завршена. Благодарение на вашите молитви и посветеноста на работниците доброволци, изминатиов викенд, на 29/30 јуни, со благослов на нашиот почитуван Старец, Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј, внатрешноста и надворешноста на некогашниот величествен храм беа сосема очистени, така што се стигна до самата основа на црквата.

Беше навистина прекрасна глетка да се видат неколку десетици доброволци од локалните дримколски села: Модрич, Луково, Нерези, Прискупштина, Безово, Јабланица и други, како пожртвувано се трудат во оваа благородна мисија. Се разбира, не изостана помошта и на благочестивиот г. Новче Чавкоски – Ноче, кој самиот работејќи со специјални дигалки, многу помогна за изнесувањето на камењата од внатрешноста на храмот. Драгоцена беше помошта и на г. Борче Марковски од Битола, кој штедро обезбеди специјална механизација и стручен тим.

Акцијата вклучуваше отворање на пристапен пат и израмнување на површината околу остатоците од некогашниот монументален храм, кој со текот на времето беше целосно обраснат и тешко пристапен. Со Божја помош и со трудољубивите раце на нашите доброволци, внатрешноста на храмот беше целосно очистена од растенијата и камењата, со што се стигна до рамна основа. Оваа задача е дел од сеопфатните работни дејности за оспособување на просторот за извршување на богослужба.

Првата Божествена Литургија во Манастирот на Светиот Архангел Гавриил е предвидена за 26 јули (нов стил) оваа година, на празникот Собор на Свети Архангел Гавриил, кога била, всушност, главната слава на Манастирот.

Според Божјата милост и помош, во иднина е планирано возобновување на Манастирот, се разбира, доколку за тоа се обезбедат соодветни средства. Затоа, секој придонес во иднина, без оглед на големината, е добредојден, бидејќи ќе ни помогне во обезбедување на неопходните материјали и ресурси за возобновувањето на древниот Манастир во Долни Дримкол, метох на Свештената Бигорска Обител.

https://www.youtube.com/watch?v=A0O1mBNuOII