АктуелноНаш изборНаш ИзборОхрид

(ФОТО) Торжествен дочек на иконата на Св.Спасе во Вевчани

Денеска во Вевчани торжествено беше дочекана иконата на нашиот сеправославен и македонски нов Светител, Светиот Спасе Вевчански заедно со неговата сестра Светата Спаса Вишенска. Иконите пристигнаа утрото пред Светата литургија која беше отслужена во нивна чест. Иконите ги донесоа и со литургијата началствуваа парохискиот свештеник во Вевчани Отец Ромео Петрески и Свештеникот од храм Св. Ѓорѓија од Струга, Отец Христијан Костоски. Иконите беа пречекани со биење на камбаните, со посипување цвеќе од рацете на Вевчански девојки, со благопријатен мирис на темјан, а најрадосно беше што Светителите беа пречекани од многубројни верници од Вевчани и од околинава.
– Голема е радоста денеска што го дочекавме овој голем светол и историски чин, се радувам на Вашите солзи радосници со кои се поклонувате пред Светава икона на нашиов Свети Спасе Вевчански и на Света Спаса Вишенска. Вакви моменти еднаш во животот човек може да ги доживее ако има среќа и затоа, Радувајте се! Денеска со нас овдека се и нашите Вевчански полуматурани, им ја честитам полуматурата и им давам Благослов за идно успешно школување и секој со својот дар од Бога да си продолжи до магистратури, докторати до свои семејства за радост на своите фамилии и за полза на Светата татковина – изјави на проповедта нашиот парохиски свештеник Отец Ромео Петрески.
После Светата литургија за сите верници во дворот на црквата беше организирана закуска, дар од сите Вевчански угостителски објекти.
За многу години и дај БОЖЕ што повеќе вакви радосни средби. Свети Спасе Вевчански и Света Спаса Вишенска нека се наши претставници, заштитници, закрилници и молитвеници пред БОГА во вечни векови – АМИН ✞✞✞